Иран во пламен: Повеќе од 50 мртви, Револуционерната гарда се заканува со „крвава одмазда“ (ВИДЕО)

Протестите избувнаа поради ненадејното слабеење на иранскиот риал и тешката економска состојба, но брзо се претворија во отворени судири со полицијата.

Иран се наоѓа во најтешката криза во последните години, во неколкудневните протести загинаа повеќе од 50 луѓе, интернетот е речиси целосно исклучен, а властите отворено ги обвинуваат Соединетите Американски Држави и Израел за обид за обоена револуција и соборување на поредокот.

Иранската влада објави дека работи на постепено враќање на интернет услугите во земјата, откако безбедносните агенции, поради масовните протести што траат од крајот на декември, целосно ги блокираа комуникациите. Министерството за информатички и комуникациски технологии соопшти дека одлуката е донесена од „безбедносни причини“, додека се протестираше во најмалку 16 градови низ земјата.

Според податоците од американската организација за човекови права ХРАНА, најмалку 48 демонстранти и 14 припадници на безбедносните сили загинале од почетокот на демонстрациите на 28 декември. Норвешката организација Иран Хјуман Рајтс наведува уште поголем број: најмалку 51 загинат демонстрант, вклучувајќи девет деца. BBC Persian досега го потврди идентитетот на 22 жртви, додека иранските власти официјално ја признаваат смртта на шест припадници на безбедносните сили.

Протестите избувнаа поради ненадејното слабеење на иранскиот риал и тешката економска состојба, но брзо се претворија во отворени судири со полицијата. Демонстрантите извикуваат слогани против врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, кого го сметаат за одговорен за состојбата на земјата, додека дел од толпата отворено бара враќање на поранешниот престолонаследник Реза Пахлави, син на соборениот шах.

Пахлави, кој живее во егзил, јавно ги повика Иранците на масовни протести, а потоа го замоли американскиот претседател Доналд Трамп да биде „подготвен да интервенира“. Повици за протести и општ штрајк претходно испратија курдските политички партии и организациите за права на жените од егзил.

Иранските власти, тврдат дека не станува збор за спонтано незадоволство, туку за координирана дестабилизација на државата. Врховниот совет за национална безбедност на Иран ги обвини САД и Израел дека стојат зад немирите, опишувајќи ги како обид за обоена револуција. Обвинителот на Техеран, Али Салехи, предупреди дека бунтовниците кои напаѓаат државни институции би можеле да бидат осудени на смрт.

Прекинот на интернетот дополнително ја влоши ситуацијата во земјата: банкоматите не работат, дебитните картички се неупотребливи, а граѓаните во некои градови, како што е Шираз, масовно купуваат храна и основни потреби, плашејќи се од понатамошно влошување на ситуацијата. Поради забраната за повеќето странски медиуми, информациите за обемот на насилството доаѓаат главно преку социјалните мрежи, кои сега се речиси целосно затворени.

Целосен хаос; Трамп ќе интервенира?

Иран влезе во 13-тиот ден од континуираните протести, и покрај најавите за враќање на комуникациите, тензиите не се намалуваат, додека расте стравот дека бројот на жртви би можел дополнително да се зголеми.

Револуционерната гарда се заканува со одмазда

Разузнавачката служба на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека ќе следи „одмазда“ за инцидентите за време на протестите, кои ги опиша како „терористички“. Во соопштението, кое го пренесоа иранските државни медиуми, се наведува дека „крвта на жртвите е на оние што ги планираа овие напади“ и дека иранскиот народ го смета правото на одмазда за легитимно.

ИРГЦ изјави дека „зачувувањето на безбедноста на општеството и заштитата на достигнувањата на режимот се црвени линии“, со порака дека ќе останат со граѓаните сè додека, како што наведуваат, „планот на непријателот не биде целосно поразен“. Иранските власти тврдат дека припадници на безбедносните сили биле убиени од „платеници“, додека организациите за човекови права истовремено известуваат дека десетици демонстранти се убиени од почетокот на протестите на 28 декември.

Зачлени се на нашиот е-билтен