Рацин.мк уште дознава дека дебатата за јавна набавка на нова опозиција била толку инспиративна што некои отишле и чекор понатаму, односно да се размислува дури и за тендер за нов народ.
Зоран БОЈАРОВСКИ
На Македонија не ѝ треба ваква опозиција, која е против се само за да биде против. Порачаа од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа на најавија постапката за тендер, за јавна набавка за нова опозиција зе следните 4 години.
Рацин.мк дојде до текстот во кој се опишани критериумите што ќе треба да бидат исполнети што ќе ја одредат најдобрата понуда.
Новина е што овој пат, после подолго време, наместо најевтина понуда, пресудна ќе виде најквалитетната. Па колку кошта нека кошта. И така народот плаќа.
Од она што е наведено како критериуми на врвот е да се избере опозиција која ќе молчи и нема да поставува прашања за работата на владата и на коалицијата.
Од новата опозиција се очекува да не поднесува амандмани на закони во Собранието и да не ја блокира агендата на владеачкото мнозинство.
Како дополнителна вредност ќе се смета опозиција која одвреме-навреме ќе аплаудира на владините мерки и политики и ќе гласа со акламација за нивно прифаќање.
Новина е што се бара опозиција без меморија за да нема непотребно навраќање на катастрофалните политики од минатото.
Новата опозиција треба да има поглед свртен кон иднината, но не мора да гледа што има таму. Тоа треба да биде работа на власта и околу тоа не треба да има дебата.
Изворите на Рацин.мк велат дека во подготовката на јавната набавка за нова опозиција се одело до таму што некои членови на владата предлагале да се остави можност таа да се набави и од странство. За тоа дури биле остварени контакти со неколку европски центри. Имало и порадикални предлози и за оваа идеја била спомната и Северна Кореја. Сепак идејата била ставена на пауза заради долгото време за зреење на една таква опозиција, а работата е за брзање зашто на пролет се планираат избори.
Рацин.мк уште дознава дека дебатата за јавна набавка на нова опозиција била толку инспиративна што некои отишле и чекор понатаму, односно да се размислува дури и за тендер за нов народ.
Заговорниците на оваа проширена и дополнета идеја тврделе дека актуелната опозиција продолжи да изразува и да го шири незадоволството во јавноста и меѓу народот, треба да се размислува за јавна набавка и за нов народ. Чист, македонски. Трпението е пред крај. Сѐ некој е незадоволен, се некој бара нешто: работниците повисока минимална плата, родителите на децата со ретки болести повеќе пари за да преживеат, културните работници почитување на колективните договори, граѓаните чист воздух и здрава животна средина, пензионерите повисоки пензии, жените помалку да бидат убивани ако не ич, да се открие кои фирми ги добија парите од унгарскиот заем, пониски цени, да нема мешање во правосудството, старт на преговорите со ЕУ…
Аман. Владата раат да немала. Затоа ако треба, ќе се распише тендер и за нов народ, посочуваат изворите на Рацин.мк.