Грипот галопира: прва жртва годинава на Инфективна

На Клиниката за инфективни болести во Скопје почина 75-годишна жена кај која лабораториски била потврдена инфлуенца А, соопшти директорот на клиниката, д-р Фадил Цана. Според информациите, пациентката имала повеќе хронични заболувања и не била вакцинирана против сезонски грип.

Од клиниката информираа дека во моментот има и други пациенти со тешка клиничка слика, а меѓу хоспитализираните доминираат повозрасни лица кај кои се регистрирани компликации, пред сè со респираторно засегање. Вкупно се лекуваат 25 пациенти.

Случајот доаѓа во период кога Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрира нагорен тренд на пријави за грип и заболувања слични на грип. Во првата недела од 2026 година, од 29 декември 2025 до 4 јануари 2026, се евидентирани 1.725 пријавени случаи, што е 2,2 пати повеќе од претходната недела. ИЈЗ тогаш посочи дека сезоната практично влегла во фаза на средна активност на национално ниво, со највисока инциденца кај децата од 5 до 14 години, додека во вирусолошкиот надзор доминирал инфлуенца А, најчесто подтипот A(H3).

Во истиот извештај ИЈЗ наведува дека до 4 јануари не биле регистрирани починати лица асоцирани со грип, што значи дека денешниот случај е надвор од тој пресек и дополнително ја потврдува ескалацијата на сезоната. Здравствените власти и лекарите повторно апелираат лицата од ризични групи навреме да се консултираат со матичен лекар, да избегнуваат близок контакт со лица со симптоми и да ја разгледаат вакцинацијата како превентивна мерка, особено кај хронично болни и повозрасни.

Зачлени се на нашиот е-билтен