Почна чистењето на Вардариште, цената и роковите уште нејасни

Вардариште

Град Скопје соопшти дека е почнато површинското чистење на поранешната депонија „Вардариште“ и дека активностите се спроведуваат според изработена физибилити студија и предвидена динамика. По оваа фаза, како што најавуваат градските власти, треба да следува „одгасување“ на депонијата што би го реализирала специјализирана компанија, а конечната цел е просторот да се трансформира во јавен парк од околу 300.000 квадратни метри. Истовремено, од Градот засега не објавија колку ќе чини целиот зафат и од каде ќе се обезбедат средствата.

Паралелно, граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ објави дека на средба со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски било најавено оти по празниците ќе се распише тендер за „одгасување“ што би траел до средината на февруари 2026 година, а целосната проектна документација, заедно со ревизијата на физибилити студијата од 2014 година, треба да биде подготвена до крајот на мај. Според најавите, почетокот на „одгасувањето“ е планиран за август 2026 година, при што процесот би бил отворен за медиумите и јавноста.

Вардариште со години е една од најспорните точки на скопската еколошка мапа, поради повторливи пожари и загадување, што лани предизвика и протести на жителите од Аеродром и Гази Баба. Дел од динамиката, според иницијативата, зависи и од решавањето на прашањето со ранливото население во околината, за што се надлежни државни институции, со најави дека постапката треба да заврши до крајот на 2026 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен