Апасиев воодушевен од лидерската средба

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по денешната лидерска средба ја оцени средбата како „изненадувачки, за првпат конструктивна“, посочувајќи дека е постигната начелна согласност до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик. Според него, на состанокот се разговарало за повеќе модалитети на изборниот модел, меѓу кои и воведување една изборна единица, со или без изборен цензус, како и дилемата околу отворени или затворени листи.

Апасиев рече дека разговорите ќе продолжат на ниво на координаторите на пратеничките групи, заедно со дел од министрите во Владата. Како дополнителни политички теми, тој наведе дека се отворило прашањето за укинување на техничката, односно „Пржинската“ влада – или веднаш, или по следните парламентарни избори, зависно од ставот на СДСМ – како и изборот на нов Народен правобранител, при што Левица предложила кандидат од ромската заедница.

Од економските теми, Апасиев посочи дека Левица го наметнала прашањето за зголемување на минималната плата согласно барањата на синдикатите, но дека за укинувањето на апанажите и ограничувањето на патните трошоци на функционерите „не наишле на разбирање“. Тој додаде и дека Левица ја отворила и темата за помош и обештетување за семејствата погодени од трагедијата во Кочани, но, како што рече, за тоа немало слух на средбата.

Зачлени се на нашиот е-билтен