Филипче: Не сме на пазар, на Мицкоски му се брза за избори затоа што нема пари во буџетот

Филипче и порача на власта дека СДСМ ќе ги поддржи само реформите кои што ќе бидат донесени на ниво на европските стандарди.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес конференција, Венко Филипче рече дека на граѓаните им станува јасно дека се што опозицијата најавила, за власта на Мицкоски, се случило, затоа што нема ниту збор за главните проблеми во државата.

„На власта и се брза да направи избори, затоа што пари нема. Дупката во Буџетот е огромна, а понатаму исто така како што најавивме ќе следи проектот мигранти за пари. Предупредивме дека има огромна дупка во Буџетот. Недостасуваат околу 2 милијарди евра. Конкретно на страна на приходите кусок од 500 милиони евра, дефицит во Буџетот е 680 милиони евра. Доспеани и неподмирени обврски кон економски субјекти 700 милиони евра. Поврат на ДДВ помеѓу 100 и 150 милиони евра кои што не се исплатени кон компаниите. Следат нови задолжувања, еврообврзница, нови кредити. Сето тоа ќе се пополнува на грбот на народот. Нема пари за раст на платите во 2026 година“, рече Филипче.

Фдилипче посочи дека во земјоделството, се потврдил скандалот со ИПАРД и тоа со кражба на европски пари.

„Ние сме на црната листа на Европа во делот на земјоделството. Власта нема од каде да надополни дупка од 120 милиони евра коишто беа субвенција, поддршка за илјадници семејства кои што се занимаваат и живеат од земјоделството. Понатаму, како што кажавме и како што разобличивме се случува силна анти-европска кампања. Се провоцираат судири со Грција и со Бугарија. Се наметнуваат националистички теми, се измислуваат изговори за земјава да се држи во изолација. Ги спомнавме и активностите против нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави. Вицепремиерот на нашата влада Стоилковиќ на средба со ноќните волци блиски до рускиот претседател Путин3, вели филипче.

Филипче потсети на алармирањето од нивна страна за огромниот степен на криминал и корупција во изминатите година и пол.

„Фирми блиски на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ тендер коалицијата. 161 тендер на една фирма, 51 тендер една фирма во бројни општини каде градоначалници се ВМРО-ДПМНЕ, 1,2 милиони евра тендер во пошта. И уште безброј многу други корупциски скандали коишто ќе ги објавуваме во следниот период. Рековме дека се брзаат и им се потребни избори. Зошто баш на Божиќ, на најголемиот христијански празник имаше потреба да се најавува таква работа? Се што најавивме, се се оствари. Ги разоткривме буквално сите планови на оваа власт“, рече лидерот на СДСМ, Филипче.

Филипче потсети и на укажувањата за сузбивање на демократијата, партизирање на институциите, ограничување на слободата на говорот.

„Во Собранието се донесе резолуција, со која што замислете како во Третиот рајх се ограничува што може, а што не може да каже опозицијата. И да не биде предоцна, ќе повториме уште еднаш за мигрантите, дека и за тоа сме биле во право“, порача Филипче.

Тој рече дека укинувањето на техничката влада треба да се случи тогаш кога нашето општество ќе биде зрело за тоа.

„Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не се прашања за политички пазар. Затоа неопходни се реформи по европски стандарди, посебно во делот на правосудството. И кога ќе бидат донесени сите реформски закони онака како што треба, според препораките на оценската мисија, на луѓе експерти од Европската Унија, кога сите тие реформи, закони не само што ќе се донесат, туку и ќе почнат да се користат, ќе бидат вистински имплементирани во судството, во обвинителството, во полицијата, во делот на правдата. Ете тоа е моментот кога ние како држава ќе бидеме спремни да се укине техничката влада, и тоа е клучно“, вели Филипче.

Тој и порача на власта дека СДСМ ќе ги поддржи само реформите кои што ќе бидат донесени на ниво на европските стандарди.

„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат. Нивната соработка на сите нас ни е многу добро позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Ние не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, порача филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен