Русија го поддржа Трамп: „Гренланд не е природен дел од Данска“

Фото: Violaine Martin/UN/Flickr

Додека администрацијата на Доналд Трамп ја засилува кампањата за американска контрола врз Гренланд, Москва излезе со порака што директно ја подгрева истата логика: рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Гренланд „не е природен дел од Данска“ и го опиша како „колонијално освојување“, потсетувајќи дека историски не бил „природен дел ниту на Норвешка, ниту на Данска“.

Лавров, според извештаите од Москва, додаде дека Русија „нема интерес да се меша“ во гренландските прашања и дека Вашингтон знае оти Москва нема планови да преземе контрола врз островот, отфрлајќи шпекулации дека Русија или Кина би се вмешале во „трката“ за Гренланд. Истовремено нагласи дека Русија „ја следи ситуацијата“, што во практична смисла ја држи темата отворена и корисна за руската дипломатија во момент кога Западот е раздвоен околу истото прашање.

Изјавата доаѓа во денови кога Трамп јавно порача дека „нема враќање назад“ од намерата САД да го стават Гренланд под своја контрола, а европските сојузници зборуваат за закана по единството на НАТО и за можни економски контрамерки ако спорот ескалира. Во таков контекст, руската формулација дека данскиот суверенитет врз Гренланд е „неприроден“ функционира како дипломатска поддршка на наративот на Трамп – без Русија формално да преземе обврски или да се стави „на маса“ како директен актер.

Фактите, сепак, се посложени од политичките слогани. Гренланд денес е самоуправна територија во рамки на Кралството Данска, со сопствен парламент и влада, а правниот статус се темели на Актот за самоуправа од 2009 година, со кој се признава правото на самоопределување на народот во Гренланд. Во исто време, надворешната политика, одбраната и безбедносната политика остануваат во домен на Данска и не се пренесуваат на самоуправата.

Токму таа комбинација – автономија дома, но стратешка рамка преку Копенхаген и НАТО – ја прави темата идеална за геополитичка манипулација. За Русија, секое продлабочување на јазот меѓу Вашингтон и европските престолнини е добивка: не затоа што Москва „го сака“ Гренланд, туку затоа што расправијата ја троши политичката енергија на сојузниците и ја тестира нивната солидарност во момент на зголемени глобални тензии.

Зачлени се на нашиот е-билтен