Четири години затвор за Арифи во „Геријатрија“, Амити доби 22 месеци

Основниот кривичен суд Скопје изрече четиригодишна затворска казна за поранешниот директор на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина, Мухсин Арифи, и една година и десет месеци затвор за вработениот Блерим Амити, во предметот „Геријатрија“, поврзан со примање поткуп и „примање награда за противзаконито влијание“.

Судот оцени дека наводите од обвинителниот акт се докажани, а при одмерување на казните како отежнителни околности ги ценеше карактерот и тежината на делата, начинот и условите на извршување и целта – стекнување материјална корист. Во образложението беше потенцирано и дека ваквите дела ја нарушуваат довербата во институциите, особено кога се сторени од службено лице во јавна здравствена установа, како и дека судот ја имал предвид опасноста од повторување, организираноста и упорноста, како и искористувањето на тешката здравствена и социјална состојба на сведокот.

Според обвинението, Арифи побарал 20.000 евра за да овозможи прием на пациентка во тешка здравствена состојба во установата што ја раководел, додека Амити, кој го познавал сведокот, посредувал и ја примил сумата, по што бил фатен на лице место. Двајцата обвинети во текот на постапката негираа вина.

Одбраната најави жалба. Адвокатот Скендер Мехмеди изјави дека не е задоволен од висината на казните и дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд Скопје, а незадоволство изрази и во делот на мерките за обезбедување, оценувајќи дека судот можел да определи поблаги мерки.

Обвинителството, пак, соопшти дека е задоволно што судот ги прифатил аргументите и што вината е докажана, но дека за став околу висината на казните ќе го почека писменото образложение на пресудата.

Зачлени се на нашиот е-билтен