Во текот на третата недела од 2026 година, од 12 до 18 јануари, во државава се пријавени 2.062 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип, што е за 11,2% помалку од претходната недела, но за 46% повеќе во споредба со истата недела лани. Инциденцата е 112,3 на 100.000 жители, над прагот за средна активност, а Институтот за јавно здравје оценува дека во земјата има висок интензитет на вирусот.
Најголем дел од пријавените се лица на возраст од 15 до 64 години (1.274), а највисока инциденца е регистрирана кај децата од 0 до 4 години. Случаите се пријавени од 29 центри за јавно здравје, со најмногу заболени во Скопје (556), а потоа следуваат Тетово, Охрид, Битола, Куманово, Прилеп и Штип.
Во истиот период се пријавени два смртни случаи асоцирани со грип, а вкупно сезонава – три. Станува збор за лица со коморбидитети кои не биле вакцинирани против сезонски грип, а кај пријавените смртни случаи лабораториски е потврдена инфлуенца А.
Вирусолошкиот надзор покажува дека во третата недела биле тестирани 81 примерок, при што се детектирани 19 позитивни случаи на грип (инфлуенца А со доминација на подтиповите H3 и H1pdm09), а паралелно се евидентирани и случаи на RSV, додека SARS-CoV-2 не е детектиран во таа недела.