„ОНЕ“ доби 5Г лиценца: Македонија добива трет мобилен оператор

„ОНЕ Македонија“ денеска официјално доби одобренија за користење 5Г радиофреквенциски спектар од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со што државата формално добива трет мобилен оператор по повеќегодишни најави за „кршење“ на дуополот на пазарот. На настанот во АЕК, одобренијата беа врачени на раководството на компанијата, која е поврзана со унгарската групација 4iG, а најавата е дека првично услугите ќе се лансираат во Скопје.

Клучната точка од првиот ден е моделот на старт: „ОНЕ“ најавува дека, додека не изгради автономна мрежа, ќе користи т.н. национален роаминг – односно ќе се потпира на инфраструктурата на постојните оператори. Тоа е практично решение за брз влез на пазарот, но воедно ја отвора и најважната регулаторна дилема: какви ќе бидат условите за пристап до мрежите на конкурентите, и дали цената на „роамингот дома“ ќе овозможи реална ценовна конкуренција или само ќе го одложи вистинското наддавање на квалитет и тарифи.

Од аспект на регулативата, одлуката на АЕК ја позиционира „Оне Македонија Телекомуникации“ како единствен квалификуван понудувач за три клучни опсези: 700 MHz (2×10 MHz), 1800 MHz (2×10 MHz) и 3.5–3.6 GHz (100 MHz) за обезбедување јавни мобилни мрежи и услуги на целата територија на државата. Во истата одлука се утврдува и еднократен надомест од вкупно 8.020.003 евра, како услов без кој одобренијата не би се издале.

Во јавноста останува да се „мери“ проектот преку роковите што ги носи лиценцата: до крајот на март 2027 година операторот треба да покрие еден град со 5Г; до крајот на 2028 година – главните коридори со непрекинат 5Г сигнал; до крајот на 2030 година – сите градови; а до крајот на 2032 година – секој граѓанин да има можност за 5Г пристап со минимална брзина од најмалку 100 Mbps. Тоа се амбициозни обврски на хартија, кои ќе станат тест за капацитетот на операторот, но и за капацитетот на институциите да следат, санкционираат и коригираат кога пазарот ќе се обиде да ги „преговара“ роковите со реалноста.

Во меѓувреме, политичката рамка веќе се гради преку изјави за „крај на дуополот“ и очекувања за пад на цените. Но, фактот дека на тендерот имало единствен квалификуван понудувач ја прави конкуренцијата нешто што допрва треба да се докаже на сметките на корисниците – не во прес-салите.

Зачлени се на нашиот е-билтен