Судењето за „Пулс“ почна со предупредување до родителите на жртвите

Судењето за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска продолжи со тензична атмосфера уште пред да почне сослушувањето на сведоците. Судот на стартот испрати јасна порака дека редот во судницата мора да се почитува, поради случувањата од претходното рочиште.

Судијката Диана Груевска-Илиевска ги предупреди родителите на загинатите кои го следат процесот дека ќе бидат исклучени доколку го нарушат редот, нагласувајќи дека секој обвинет има право на адвокат и дека тоа мора да се почитува без оглед на емоциите и притисокот што го носи случајот. Истото го побара и адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, со став дека следното нарушување треба да значи и исклучување на јавноста.

Дополнителна тензија, според информациите од судницата, произлегла од реакцијата на адвокатката Коцевска околу транспарент на „Маршот на ангелите“ во Кочани, за кој таа тврдела дека ѝ бил злоупотребен ликот. Семејствата на жртвите возвратиле дека не ја споменале, ниту ја таргетирале, и дека пораката на протестот е насочена кон вистината и одговорноста за изгубените животи.

На денешното рочиште, според најавата, треба да сведочат петмина сведоци на Обвинителството кои го преживеале пожарот, што ја отвора следната, чувствителна фаза од постапката – реконструкција на настаните преку искази од лица кои биле внатре во клубот.

Зачлени се на нашиот е-билтен