Венецуелската претседателка му откажа љубов на Трамп

Вршителката на должност претседателка на Венецуела, Делси Родригез, изјави дека на земјата и е „доста“ од „наредби од Вашингтон“, во порака што директно ја заострува реториката кон администрацијата на Доналд Трамп – само неколку недели по драматичниот пресврт во Каракас и апсењето на Николас Мадуро.

Родригез ја даде изјавата на настан со работници од нафтениот сектор во Пуерто Ла Круз, во обраќање пренесено од државниот телевизиски сервис. Во нејзината порака доминираше тезата дека „венецуелската политика“ треба самата да ги реши внатрешните разлики и конфликти, без влијание од „странски сили“, со што таа се обиде да позиционира линија на суверенитет во услови на силен надворешен притисок и внатрешна неизвесност.

Изјавата доаѓа во контекст во кој Трамп претходно јавно тврдеше дека САД ќе „ја водат“ Венецуела по апсењето на Мадуро, а потоа испраќаше сигнали дека Родригез има американска поддршка како привремено решение. Сепак, според странски извештаи, Вашингтон и понатаму врши притисок за побрзо отворање на нафтениот сектор и за поголем пристап на американски енергетски компании, што се чита како клучен дел од пошироката стратегија за стабилизација и контрола врз нафтените приходи.

Родригез, од друга страна, најавува дека разликите со САД ќе се решаваат „лице в лице“ преку дипломатски канали, додека дома повикува на разговори и „договори“ со опозицијата за политичката иднина на земјата. Паралелно, венецуелскиот парламент отвори дебата за законски промени во нафтениот сектор – прв голем зафат од национализациите на Уго Чавез – со најава за модел што би овозможил поголема улога на приватни компании и нови механизми за решавање инвестициски спорови. Во ваква рамка, изјавата „доста од наредби“ функционира и како порака кон домашната база дека евентуалните отстапки ќе се продаваат како „внатрешна одлука“, а не како директива однадвор.

Зачлени се на нашиот е-билтен