Возачите во Скопје кои деновиве добиваат електронски записници поради надмината брзина во зони со ограничување од 50 километри на час, конечно добија јасен одговор од Министерството за внатрешни работи: системот „Безбеден град“ ќе применува иста толеранција како и постојните полициски радари. Тоа во пракса значи дека во средина каде што дозволената брзина е 50 км/ч, системот нема да констатира прекршок ако возилото се движи со 56 км/ч, но ќе регистрира прекршок од 57 км/ч нагоре.
МВР појаснува дека толеранцијата е 6 километри на час за брзини до 100 км/ч, а 8 километри на час за брзини над 100 км/ч, и дека ова отстапување важи исклучиво за сообраќајни прекршоци. Ако, пак, се работи за кривично дело поврзано со сообраќајот, толеранцијата не важи. Во позадина на појаснувањето е и растечката конфузија кај дел од граѓаните кои, иако се најавуваше „попустливост“ во пробниот период, добија известувања дека ја надминале дозволената брзина од 50 километри на час.
Истовремено, МВР објави и прецизна скала на казни што се активираат преку системот. За пречекорување на брзината во населено место, кога ограничувањето е до 50 км/ч (или по исклучок до 70 км/ч каде што е означено), казната за надминување до 10 км/ч е 15 евра. За надминување од 10 до 30 км/ч казната е 50 евра, а за пречекорување од 30 до 50 км/ч изнесува 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци. За поминување на црвено светло казната е 250 евра и забрана од 3 до 12 месеци, а за непрописно запирање и паркирање глобите се движат од 25 до 180 евра, зависно од локацијата и тежината на прекршокот. За учество во сообраќај со нерегистрирано возило казната е 500 евра, а ако истекот на сообраќајната дозвола е до 30 дена казната е 100 евра. МВР најави и олеснување: ако казната се плати во рок од осум дена, износот се намалува за 50 проценти, а забраната за управување се изрекува во половина од пропишаниот рок.
Ова појаснување доаѓа додека МВР и натаму спроведува тестирање, калибрација и верификација на камерите и уредите за сообраќаен надзор во рамки на „Безбеден град“, со дневни активности во термин од 8 до 20 часот. Во јавноста, проектот веќе отвори и друга чувствителна тема: дел од граѓаните реагираа дека известувањата стигнувале и на погрешни контакти, а во нив се појавуваат лични податоци, што ја зголеми загриженоста за приватноста и точноста на базите. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, ја брани мерката со целта до 2030 година значително да се намали бројот на сообраќајни несреќи.