Со над 53 милиони денари казнети картелите во Македонија

Комисијата за заштита на конкуренцијата соопшти дека во текот на 2025 година изрекла казни во вкупна вредност од 53.044.555 денари за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики. Пораката, според Комисијата, е дека пазарните правила не се „препорака“, туку обврска што мора да важи подеднакво за сите економски оператори.

Во институцијата нагласуваат дека санкциите се однесуваат на најтешките форми на нарушување на пазарот – картелски договори, забранети договори, злоупотреба на доминантна позиција, непријавени концентрации, како и нефер трговски практики. Во пракса, тоа се ситуации во кои конкуренцијата се потиснува преку тајни договори, преку наметнување услови што ги гушат помалите играчи, или преку спојувања и преземања што не се пријавуваат навреме за да се провери нивното влијание врз пазарот.

Комисијата наведува дека казните имаат изразена превентивна улога и дека треба да делуваат како механизам за одвраќање од идни повреди. Во период кога пазарот е чувствителен на ценовни шокови, а јавноста очекува институционален одговор на секое сомневање за договарање или злоупотреби, ваквите мерки се тест за тоа колку државата реално може да гарантира фер натпревар и еднакви услови.

Од Комисијата најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите. Во превод, институцијата најавува дека 2026 година нема да биде година на „поминување“, туку на поостар пристап кон оние што ја кршат конкуренцијата и ја нарушуваат довербата на граѓаните во пазарот.

Зачлени се на нашиот е-билтен