ССНМ бара повисока минимална плата, ќе се приклучи на протестот

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ најави дека ќе се приклучи на протестот за зголемување на платите, закажан за утре, 28 јануари 2026 година, по повик на Сојузот на синдикати. Одлуката, како што соопшти синдикатот, е донесена на состанок на Извршниот одбор, со порака до членството да даде полна поддршка за зголемување на минималната плата, но и за раст на сите плати на работниците во земјава. Протестот е најавен за среда од 17 часот.

Од ССНМ велат дека причините за ваков чекор се „повеќе од видливи“, особено во медиумската индустрија, каде во последните години се бележи континуиран пад на приходите на медиумските работници и влошување на условите за работа, што, според нив, се прелева и врз пошироките општествени процеси. Синдикатот потсетува дека анкета што ја спровеле заедно со Институтот РЕСИС, објавена во 2024 година, покажала дека повеќе од половина од медиумската заедница заработува помалку од просечната плата во државата, а дека речиси една третина новинари, сниматели, креативни дизајнери, монтажери и други кадри се држат на минимална плата.

Бидејќи голем дел од вработените во медиумскиот сектор се директно врзани со минималната плата, ССНМ бара итно нејзино зголемување. Во соопштението се наведува дека сегашното ниво е недозволиво ниско, дека законски предвиденото зголемување е недоволно и дека со повисок износ дел од нивните членови би дошле до повисоки примања, со што барем делумно би се амортизирал инфлацискиот шок во земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен