Поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, е пријавен за злоупотреба на службената положба, откако полицијата утврдила дека со години се исплаќале плати на лица кои воопшто не оделе на работа, а општинскиот буџет бил оштетен за околу 130 илјади евра.
Според наводите, кривичната пријава ја поднела ОВР Кичево и ја опфаќа временската рамка од 2021 до 2025 година, период во кој Дехари ја извршувал функцијата градоначалник. Полицијата тврди дека тој склучил договори за вработување со четири лица спротивно на законските прописи, а потоа, со пропуштање на должен надзор, им дозволил со месеци, па и со години, да не се појавуваат на работното место, додека редовно примале плата и други надоместоци од општинската каса.
Во пријавата, покрај Дехари, опфатени се и четири лица со иницијали Ф.А. (62) од Зајас, А.Н. (38) од Србица, Х.Б. (37) од Црвевци и Б.С. (36) од Стрелци. Тие, според полицијата, се товарат за перење пари и други приноси од казниво дело, а се наведува дека примиле вкупно околу 86 илјади евра, иако знаеле дека средствата се стекнати незаконски. Како дополнителна спорна околност се посочува дека работниот однос на овие лица не бил прекинат ниту по истекот на законскиот рок, што, според наодите, ја зголемило штетата за општинскиот буџет.
Кривичната пријава е доставена до надлежното обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошните чекори во постапката.