Безбедноста на новинарите е врвен приоритет за Министерството за внатрешни работи и затоа во тек е постапката за формирање на Национален комитет за заштита на новинари, се вели во соопштението на министерството.
Безбедноста на новинарите за Министерството за внатрешни работи е еден од врвните приоритети и МВР е максимално посветено на ова поле. Во таа насока потпишан е меморандум за соработка со Здружението на новинари на Македонија.
„Имаме одредено Национална фокална точка и локални фокални точки во склоп на кампањата на Советот на Европа за Заштита на новинарите, а континуирано се одржуваат и работилници и обуки на кои учествуваат полициски службеници, новинари и обвинители. Соработката со Обвинителството и ЗНМ е на највисоко ниво, а заеднички изработивме и прирачници за справување со можните предизвици околу безбедноста на новинарите“, се вели во соопштението.
Слободата на изразување и слободата на медиумите се основни демократски вредности загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, Европската конвенција за човекови права и со меѓународните стандарди. Новинарите имаат клучна улога во информирањето на јавноста и во вршењето на својата професионална должност придонесуваат за отчетноста на институциите, владеењето на правото и заштитата на човековите права.
Република Северна Македонија, како земја членка на Советот на Европа и како држава која се стреми кон полноправно членство во Европската Унија, има обврска и интерес да обезбеди безбедна и поволна средина за новинарите.
Советот на Европа во 2016 година ја усвои Препораката за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери, која утврдува четири клучни столба: превенција, заштита, гонење и промоција на свесност и образование. Дополнително, во 2023 година започна европската кампања „Новинарите се важни“ (Journalists Matter) со цел зајакнување на националните механизми за заштита на новинарите.
Ова се дел од основните причини поради кои во Република Северна Македонија во тек е постапката за формирање на Национален комитет за заштита на новинари.
Формирањето на Националниот комитет за заштита на новинар(к)и ќе биде системско унапредување на медиумската слобода и безбедноста на новинарите.
Целта на Комитетот е:
• да обезбеди координација помеѓу институциите, медиумските организации и граѓанскиот сектор;
• да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите;
• да изработи Национален акциски план за заштита на новинарите, во согласност со европските стандарди;
• да предложи мерки за превенција, заштита, гонење на сторители и подигање на јавната свест;
• да ја поддржи примената на Кампањата „Новинарите се важни“ (Journalists Matter) на Советот на Европа во национален контекст.
Со формирањето на Комитетот се очекува:
• воспоставување на институционален механизам за системска заштита на новинарите;
• унапредена координација меѓу државните органи и медиумските организации;
• зголемена доверба помеѓу новинарската заедница и институциите;
• изработка и спроведување на Национален акциски план за заштита на новинарите;
• подобрување на позицијата на земјата во меѓународните извештаи за медиумска слобода.
Формирањето на Национален комитет за заштита на новинари претставува чекор напред кон обезбедување на безбедна средина за работа на новинарите и медиумските работници, со што се зајакнува демократијата, владеењето на правото и европската перспектива на Република Северна Македонија.
Во текот на 2025 година, на национално ниво продолжи институционалниот ангажман во насока на унапредување на безбедноста на новинарите, со редовна комуникација и координација меѓу релевантните институции. Во текот на годината редовно се вршеа консултации насочени кон следење на пријавените случаи поврзани со закани и напади врз новинари, размена на информации меѓу надлежните институции, унапредување на соработката со новинарските здруженија и медиумските работници и друго. Активностите беа насочени кон навремено реагирање, подобрување на превентивните механизми и зајакнување на довербата меѓу новинарите и институциите. МВР во соработка со надлежните институции, воспостави јасни и функционални протоколи за постапување во случаи на напади или закани кон новинарите. Министерството за внатрешни работи, во соработка со Здружението на новинари на Македонија, веќе неколку години води регистер на напади врз новинари, јавно достапен на веб-страницата на МВР. Изработен е и Прирачник за безбедност на новинарите, а редовно се спроведуваат обуки и едукативни активности со цел зајакнување на превенцијата и меѓусебната соработка.
Во врска со онлајн вознемирувањата, особено на жените новинарки, беа преземени чекори за зголемување на свесноста за специфичните ризици со кои се соочуваат жените новинари, особено во однос на онлајн вознемирување и родово базирани закани при што во Секторот за компјутерски криминал при МВР е назначена контакт точка, со цел побрзо и поефикасно справување со ваквите случаи односно за брзо реагирање. Новинарките може директно да се обратат или преку Здружението на новинари на Македонија, а за секој пријавен случај веднаш се преземаат мерки за расчистување.
-Организирани се активности, средби, обуки и работилници на кои учество земаа претставници од МВР како и голем број на медиумски работници, новинари на кои се разгледуваа начините за зголемување на соработката меѓу полицијата и новинарите, градење на меѓусебната доверба и разбирање, како и начинот на доставување на информациите и нивно пренесување во јавноста, особено за чувствителни теми. Во тој контекст, една од заедничките работилници беше и „Етичко и родово сензитивно известување за трговија со луѓе и родово засновано насилство во институциите и медиумите“ која се одржа во Скопје. Соработката со медиумските работници, односно новинарите, градењето на сигурна и цврста меѓусебна партнерска нишка како и нивната безбедност, за МВР е еден од врвните приоритети.
Во таа насока потпишан е Меморандум за соработка со Здружението на новинари на Македонија, имаме одредено Национална фокална точка и локални фокални точки во склоп на кампањата на Советот на Европа за заштита на новинарите, а континуирано се одржуваат и работилници и обуки на кои учествуваат полициски службеници и новинари. Соработката цениме дека е на највисоко ниво, а заеднички изработивме и прирачници за справување со можните предизвици околу безбедноста на новинарите.