Украина се договори со Европа и САД за план во повеќе фази за одговор на потенцијално кршење на прекинот на огнот од страна на Русија, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Украина се согласи со своите западни партнери дека секое континуирано кршење од страна на Русија на идниот договор за прекин на огнот ќе предизвика координиран воен одговор од Европа и САД.
Според извештајот, планот бил дискутиран неколку пати во декември и јануари меѓу украински, европски и американски претставници.
Според предлогот, секое кршење на прекинот на огнот од страна на Русија ќе предизвика одговор во рок од 24 часа, почнувајќи со дипломатско предупредување и, доколку е потребно, акции од страна на украинската армија за прекин на кршењето.
Доколку непријателствата продолжат и потоа, одговорот ќе премине во втора фаза со користење на сили од таканаречената „Коалиција на волјата“, која вклучува многу членки на ЕУ, како и Велика Британија, Норвешка, Исланд и Турција.
Во статијата се додава дека во случај на ескалација на нападот 72 часа по првичното кршење, ќе се иницира координиран одговор од страна на силите поддржани од Западот, вклучувајќи ги и вооружените сили на САД.
Оваа недела, на 4 и 5 февруари, во Абу Даби ќе се одржи следната рунда трилатерални разговори меѓу Украина, САД и Русија. На американската страна ќе ѝ се придружи и специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф.