ВМРО-ДПМНЕ и негрижата за граѓаните во ризик: Социјална помош покуса за над 36 милиони евра

статистика

Буџетските средства за социјални надоместоци првпат беа намалени лани, но годинава кратењето е значително. Оваа ставка во буџетот за 2026 година е помала за 2.244.000.000 денари (36,5 милиони евра) или 15,7 отсто помалку во споредба со 2025 година. Ова е најголемото кратење на расходната страна на буџетот за годинава, констатира Блумберг Адриа.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади велат дека кратењето на сумата за годинава е резултат на можностите и приоритетите на државата.

„Буџетот на Република Северна Македонија се креира преку координиран процес во кој учествуваат сите институции, при што конечната распределба на средствата е резултат на вкупните фискални можности на државата и приоритетите утврдени со Законот за буџет“, одговорија од Министерството за „Блумберг Адрија“.

Над 30.000 лица месечно примаат социјална помош

И покрај кратењето, од Министерството велат дека остануваат посветени на редовна и навремена исплата на социјалните права и на заштита на најранливите категории граѓани, а работат и на „унапредување на ефикасноста на системот и подобро таргетирање на мерките, со цел секој денар од буџетот да има најголем можен социјален ефект“.

Најголем број на корисници на права од социјална и детска заштита се корисниците на гарантирана минимална помош. Според евиденцијата на Министерството за последните пет години, просечниот број на корисници на овој надоместок се движи меѓу 31.000 во 2020 година и максималните 37.000 во 2022 година.

Право на социјална помош или гарантирана минимална помош има домаќинство што е материјално необезбедено и нема сопствен имот. За материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна просечна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во последните три месеци е пониска од висината на утврдената гарантираната минимална помош.

Основицата за пресметка на овој надоместок изнесува 4.000 денари за еден член, а потоа таа се зголемува за коефициент според бројот на членови во семејството. За семејство со пет возрасни члена може да достигне до околу 10.000 денари. Просечниот месечен трошок на државата по овој основ изнесува 270 милиони денари (околу 4,5 милиони евра).

Инаку, намалувањето на социјалната помош е нешто што се препознава како правило додека владее ВМРО-ДПМНЕ. Во 2016 година, тогашната власт на оваа партија го намали бројот на корисници на социјална помош, како еден начин да се скратат буџетските пари за оваа намена.

СДСМ, пак, во време на пандемијата, кога кризата влијаеше и на приходите во буџетот, го зголеми бројот на корисници на социјална помош за над 5000 граѓани, а во периодот од 2017 до 2020 ја зголеми социјалната помош за 300%, за 34.000 домаќинства.

Зачлени се на нашиот е-билтен