Што крие МНР? Зошто нема одговор за обврските кон ОН?

ОН

Неодамна генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, упати загрижувачки апел до земјите членки на заедницата на народите да си исполнат финансиските обврски за членството. Тој уште укажа дека игнорирањето на тие обврски се заканува со финансиски колапс кој може да се случи уште во јуни оваа година.

Поттикнати од ова предупредување и апел, Рацин.мк одлучи да побара информација за тоа дали Северна Македонија ги исполнува своите обврски во ОН.

За таа цел, на адресата на Министерството за надворешни работи (МНР) испративме неколку прашања кои се однесуваат на оваа тема, и тоа по овој редослед:

1. Дали Северна Македонија ја платила членарината за членството во Обединетите нации?

2. Дали Северна Македонија заостанува во редовноста на плаќањето на членарината и за кои години, доколку не е редовна во плаќањето?

3. Колку изнесува членарината за Северна Македонија?

4. Каков ставот на МНР за тоа дека ОН се наоѓа пред финансиски колапс, како што предупредува генералниот секретар Антонио Гутереш?

5. Каков е ставот на МНР за улогата на ОН во актуелната политичка и безбедносна ситуација во светот?

Мејлот го испративме на 2 февруари и до денеска, кога го објавуваме вој текст, од МНР нема одговори.

Последната преписка со одговорните за односи со медиумите во МНР беше на 6 февруари, во петокот, кога ја добивме оваа порака:

Здраво, одговорот ќе го добиете денес до крајот на денот, најдоцна понеделник.

Се разбира, без да изведуваме конечни заклучоци, зачудува зошто МНР, како елементарна обврска кон граѓаните и медиумите, избегнува да даде одговор на толку едноставни прашања.

Можно е овој молк на МНР да биде специјален однос само кон онлајн медиумот Рацин.мк, но нашиот портал, регистриран во каталогот на медиуми во АВМУ, е само медиум кој пренесува информации од институциите до граѓаните за прашања од интерес на јавноста.

Во ваква ситуација, логични се и заклучоците дека, можеби, МНР нешто крие за обврските на Северна Македонија кон ОН.

На овој заклучок наведува и информацијата од ОН, во која е објавено дека до 8 февруари, 2026 година, до кога е рокот за редовното уплаќање на членарината за членство во ОН, својата обврска ја исполниле 55 земја. Меѓу нив не е Северна Македонија.

Што се однесува, пак, до обврските за 2025 година, според извештајот на ОН, до 15 декември 2025 година, само 148 земји-членки (77%) ги имаат платено своите членарини во целост.

Северна Македонија ја платила членарината за 2025 година во јули таа година, што ја става во категориите земји кои многу доцна ги помируваат обврските, според категоризацијата на ОН, што е редовна состојба од 2020 година навака.

Според овие информации, станува уште почудно зошто МНР не одговара или крие вакви информации, зашто, очигледно е дека до нив може да се дојде и на друг начин. Ако се доцни со исполнувањето на обврските кон ОН, очигледно е дека тоа е инерција која се влече веќе неколку години. Не е оправдување, а уште помалку е нешто поради што треба да се биде нетранспарентен.

Зачлени се на нашиот е-билтен