Најголемите компании за социјални медиуми во светот, оваа година се соочуваат со неколку високопрофилни судења, бидејќи се сметаат одговорни за штетата предизвикана кај децата при користење на нивните платформи. Првото судење започна вчера во Вишиот суд на округот Лос Анџелес, објавува АП.
Матичнатна компанија на Инстаграм, Мета, и Јутјуб на Гугл ќе се соочат со обвинувањата дека нивните платформи намерно создаваат зависност и се штетни за децата. Платформите ТикТок и Снеп, кои првично беа именувани во тужбата, се согласија за неоткриени износи, според агенцијата.
„Ова беше само првиот случај – стотици родители и училишни окрузи учествуваат во судења за зависност од социјалните медиуми што започнуваат денес, и за жал, секој ден нови семејства излегуваат со обвинувања и ги тужат големите технолошки компании за нивните намерно штетни производи“, рече Саша Хаворт, извршен директор на непрофитната организација „Tech Oversight Project“.
Во меѓувреме, во Ново Мексико треба да започне специјалното судење.
Во сржта на случајот кој се одвива во Лос Анџелес е 19-годишник кој е идентификуван само со иницијалите „KGM“. Овој случај би можел да одреди како ќе се постапува со илјадници други слични тужби против компаниите за социјални медиуми.
Тој и уште двајца тужители се избрани за антиципативни судења, кој е тест за случаи за двете страни за да се види како ќе се одвиваат нивните аргументи пред порота и каква штета, доколку воопшто, би можела да се досуди, рече Клеј Калверт, виш соработник за студии за технолошка политика во Американскиот институт за претприемништво.
Ова е прв пат компаниите да го изнесат својот случај пред порота, а исходот би можел да има длабоко влијание врз нивниот бизнис и на тоа како се третираат децата кои ги користат тие платформи.
Од поротниците не се бара да престанат да користат Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб или која било друга форма на социјални медиуми за време на судењето, кое се очекува да трае околу осум недели.
Според АП, поротниците треба независно да одлучат за одговорноста на Мета и Јутјуб.
Се очекува на судењето да сведочат и раководителите, вклучувајќи го и извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, кое најверојатно ќе трае шест до осум недели.
Експертите забележаа сличности со судењата на Големите Тутунски Компании кои доведоа до спогодба од 1998 година со која се бараше од компаниите за цигари да платат милијарди долари трошоци за здравствена заштита и да го ограничат маркетингот насочен кон малолетници.