Трендафилов: Работниците на избори казнуваат или наградуваат, на потег се пратениците

Трендафилов

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов, денеска на блокадата пред Собранието на Македонија рече дека пратениците и функционерите треба да разберат дека платата што ја земаат и привилегиите што ги имаат се од гласовите на работниците. Работниците на избори казнуваат или наградуваат.

„Работниците треба да сфатат дека ССМ е тука денеска за нив. Ги блокираме пратениците во Собранието, истите пратеници кои ги уживаат сите привилегии на грбот на работниците“, истакна Трендафилов.

Тој рече дека очекува наскоро работниците излезат во огромен број како што излегоа на 28 јануари кога јасно кажаа кои се нивините барања и како треба да се остварат.

„Работниците знаат, на 28 јануари излегоа во огромен број на улица и ќе треба да излезат уште еднаш така кога ќе ги повикаме наредниот период. Функционерите треба да разберат дека платата што ја земаат и привилегиите што ги имаат се од гласовите на работниците. Работниците на избори казнуваат или наградуваат. Следни на потег се пратениците“, Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов.

Блокадата на Собранието е само почеток на серија протестни активности планирани од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија. Синдикатот најави дека притисокот ќе се прошири кон сите општествени чинители кои ги сметаат за одговорни за нискиот стандард на работниците. Според утврдениот план, протестите ќе продолжат со следната динамика:

  • На 12 февруари (четврток) ќе бидат блокирани седиштата на работодавачите, вклучувајќи ги Стопанската комора, Сојузот на стопанските комори и Организацијата на работодавачи.
  • На 17 февруари (вторник) протестот ќе се премести пред Владата на Република Северна Македонија.

Оваа ескалација укажува на тоа дека ССМ се обидува да создаде сеопфатен притисок врз трипартитниот социјален дијалог, таргетирајќи ги и законодавната, и извршната власт, и бизнис секторот.

Зачлени се на нашиот е-билтен