Томас Тухел потпиша нов договор со фудбалската асоцијација на Англија и ќе го води тимот до 2028 година.
Тухел и ФА имаат цел тој да ја води репрезентацијата и на претстојното Светско првенство но и на ЕП 2028 кое ќе се игра токму во Англија.
Под водство на Тухел, Англија постигна импресивни резултати во квалификациите за Светското првенство 2026, победувајќи ги сите осум натпревари и не примајќи ниту еден гол. Фудбалската асоцијација на Англија е особено задоволна од неговата стратегија и дисциплина, која донесе стабилност и самодоверба во тимот.
Иако неговиот претходен договор требаше да трае до крајот на Светското првенство во 2026 година, интересот за Тухел не стивнува. Последните недели неговото име се спомнува и во контекст на Манчестер Јунајтед, кои се во потрага по постојан менаџер по заминувањето на Рубен Аморим.