Францускиот претседател Емануел Макрон најави засилување на военото присуство на Франција на Блискиот Исток, во време кога конфликтот во регионот се проширува и ги загрозува клучните поморски и безбедносни коридори. Одлуката, како што посочи тој, има цел да ги заштити сојузниците и да спречи дополнителна ескалација на тензиите во регионот.
Според најавите, Франција ќе распореди осум воени бродови како дел од ударната група на носачот на авиони „Шарл де Гол“, како и два носачи на хеликоптери во источниот Медитеран. Овие сили треба да помогнат во одбранбени операции, вклучително и пресретнување дронови и ракети, како и заштита на поморскиот сообраќај во регионот.
Макрон ја соопшти одлуката за време на посетата на Кипар, каде што се сретна со кипарскиот претседател Никос Христодулидис и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Тој нагласи дека безбедноста на Кипар и стабилноста во источниот Медитеран се прашања што директно ја засегаат и Европа. „Кога Кипар е нападнат, тогаш е нападната и Европа“, изјави францускиот претседател.
Покрај распоредувањето на воените сили, Париз разгледува и можност за поморска мисија за придружба на трговските бродови во Ормускиот теснец – една од најважните светски рути за транспорт на нафта и енергенси. Целта е да се обезбеди слободна пловидба и да се спречат напади врз цивилниот бродски сообраќај.
Француските власти нагласуваат дека овие активности се со одбранбен карактер и дека Франција не учествува директно во воени операции во регионот, туку настојува да ги заштити своите граѓани, сојузници и виталните економски рути што се важни за глобалната економија.