Европски парламент: Македонија да го спроведе договорот со Бугарија, нема „кратки патишта“ во однос на основните принципи на Унијата

Македонија

Северна Македонија мора да продолжи со добронамерно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, како и на Преспанскиот договор со Грција, во согласност со обврските од Преговорачката рамка, се вели во стратегијата за проширување на ЕУ усвоена вчера од Европскиот парламент.

Во документот, европратениците нагласуваат дека проширувањето мора да остане процес базиран на заслуги и реверзибилен, при што напредокот на секоја земја-кандидат зависи од ефикасното спроведување на критериумите и вредностите на Европската Унија. Ниту една земја не треба да се гледа како дел од пакет и не може да има „кратки патишта“ во однос на основните принципи на Унијата.

Европратениците, исто така, ја нагласуваат потребата од целосно спроведување на националните и меѓународните судски пресуди, почитување на меѓународните обврски за воените злосторства и исчезнатите лица и спротивставување на глорификацијата на воените злосторници и историскиот ревизионизам.

Во документот се нагласува дека пристапот базиран на заслуги би можел да доведе до замрзнување или дури и пресврт на преговорите за пристапување доколку има отстапување од основните вредности на ЕУ. Преговорите можат да продолжат само по доволен напредок во реформите. Пратениците во Европскиот парламент истакнуваат дека земјите-кандидатки кои заостануваат во однос на демократското управување мора да се соочат со последици доколку процесот на проширување сака да остане навистина базиран на заслуги.

Во исто време, Европската Унија мора активно да ги поддржува демократските институции во земјите-кандидатки со цел да ја зајакне стабилноста и реформскиот моментум.

Стратегијата го дефинира проширувањето како стратешки одговор на променливата геополитичка средина и како клучна инвестиција во безбедноста и стабилноста на ЕУ.

Авторот на извештајот, европратеникот Петрас Ауштревичиус, нагласи дека во услови на денешните предизвици, моделот на европска интеграција мора да се подобри за подобро да ги одразува интересите на Унијата и очекувањата на земјите-кандидатки.

„Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со внатрешните реформи што го штитат функционирањето на Унијата и го подобруваат процесот на донесување одлуки, вклучително и преку поголема употреба на гласање со квалификувано мнозинство. ЕУ мора да ги заврши овие реформи до моментот кога водечките земји-кандидатки ќе ги исполнат критериумите за членство и ќе бидат подготвени да се приклучат“, рече Ауштревичиус.

Во документот се забележува дека Црна Гора и Албанија поставиле амбициозни цели за завршување на преговорите за членство до крајот на 2026 и 2027 година. Пратениците ја повикуваат ЕУ да ги охрабри овие земји кога нивните амбиции се поткрепени со реални реформи.

Се забележува дека најзагрижувачките трендови и повлекувањето од демократските стандарди продолжуваат во земјите од проширувањето со најнизок степен на кохерентност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и во земјите чии преговори за членство се ефикасно во застој, особено Србија, Грузија и Турција.

Зачлени се на нашиот е-билтен