Две претстави на национални театри избрани во официјалната програма на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе бидат изведени вечерва на четвртиот ден на фестивалот. Во 10 часот е закажана првата претстава која се роди како резултат на „Едукативните работилници“, што фестивалот ги воведе од оваа година, а ќе се претстават учениците од ОУ „Климент Охридски“, предводени од наставничката Јулијана Талеска. Еден час подоцна ќе следува промоција на „Еуродрам“.
Претставата на Театарот за деца и младинци „Роња, ќерката на ограбувачот“ во режија на Јакуб Максимов, ќе се изведе во 19 часот во театарот „Војдан Чернодрински“. Улогите ги толкуваат: Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.
„Независно што целна група е детската публика, претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ е комплексна претстава во која радоста на актерската игра и нивната моќ за креација во симбиозата човек – кукла е повеќе од очигледна. Претставата во суштина ја покажува креативната сила на трансформацијата на актерската игра, притоа имајќи го предвид и односот кон публиката (можноста да се разбере моралната вертикала од најмали нозе) и односот меѓу актерите (можноста да се ужива во презентирањето на градењето на приказната меѓу куклата и актерот)“, вели во образложението, уметничкиот директор Ана Стојаноска.
Драмски театар Скопје со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ вечерва настапува на 57. издание на „Војдан Чернодрински“. На сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, претставата на Драмски театар е селектирана во официјалната програма заедно со 10 претстави на македонските професионални театри.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски – Димсата, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска. Премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021 година и вечерва ќе биде нејзината 21 изведба.
Режисерката Зоја Бузалковска истакнува дека она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно – воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика.
Во пресрет на вечерашната фестивалска изведба потсетуваме дека Драмски театар надвор од матичната сцена со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во февруари годинава гостуваше на сцената на Местно гледалишче Љубљана во рамките на фестивалот РУТА Група Триглав и на минатогодишното издание на Охридско лето каде имаше одличен прием кај публиката и театарската фела.
Вчерашниот ден помина во духот на независната програма на фестивалот. Беа изведени три претстави низ цел град, а публиката одлично реагираше на претставите „Под.готвено“, „Заминувања“ и „Скопјани“, а гостуваа и студенти на ФДУ со дипломска претстава.
Македонскиот драмски фестивал „Војдан Чернодрински“ оваа година се одржува од 9 до 16 јуни во Прилеп под мотото „Враќање дома“.