Риголер за Телма: Европа скапо ја плати цената на национализмот

Риголер за Телма предупреди дека различните толкувања на историјата не смеат да се претвораат во политички и националистички наративи. Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристоф Ле Риголер, порача дека Европа веќе платила висока цена за национализмот, идеолошките поделби и територијалните судири.

Во интервјуто за Телма, дадено пред почетокот на меѓународната конференција „Европски дијалози, наследство и европска иднина“, Риголер оцени дека историските факти не треба да се негираат, иако различните општества можат различно да ги толкуваат.

„Европа доволно скапо ја плати цената на национализмот“, порача францускиот амбасадор, нагласувајќи дека различното читање на минатото не смее да служи за создавање политички конфликти и за поттикнување нови поделби.

Според него, европските држави треба да создадат услови што ќе спречат повторување на најтешките поглавја од историјата на континентот. Национализмот и територијалните спорови, рече Риголер, веќе предизвикале премногу конфликти, а опасноста од повторно навлегување во такви политички наративи и натаму постои.

Како актуелен пример го посочи воениот судир во Украина. Според Риголер, историјата таму се користи и се приспособува за да се оправда агресијата врз соседна држава, што покажува колку историските наративи можат да станат средство за политичка и воена мобилизација.

Францускиот амбасадор направи разлика и меѓу идеите и идеологиите. Идеите, според него, им овозможуваат на општествата да напредуваат, додека „идеологиите се болест на идејата“ и ги враќаат државите и народите назад.

Тој потсети дека драматичните настани од 20 век покажале до каде можат да доведат идеолошките поделби и националистичките политики. Наместо затворање во сопствените историски толкувања, Риголер повика на дебата, размена на идеи и прифаќање на несогласувањата како начин за спротивставување на идеологиите.

Интервјуто беше објавено во пресрет на отворањето на изложбата „Солидарноста како иднина“ во Музејот на современата уметност во Скопје, со која почнува конференцијата „Европски дијалози, наследство и европска иднина“. Во рамките на конференцијата се предвидени повеќе дебати, меѓу кои и дискусијата „Каква Европа сакаме утре?“.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?