Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека е целосно завршена евакуацијата на сите пријавени македонски државјани од погодените земји на Блискиот Исток кои побарале враќање во земјава. Со последниот, петти лет што слета на Меѓународниот аеродром Скопје, пристигнале 147 патници, од кои 119 македонски државјани и 28 странски државјани.
Станува збор за организирани чартер-летови, при што сите трошоци за реализацијата биле покриени од државата. Со овој лет, вкупниот број евакуирани македонски државјани достигна 605, а од Министерството наведуваат дека со тоа е завршен процесот на враќање на сите граѓани кои изразиле подготвеност за евакуација.
Евакуацијата почна на 8 март, кога Министерството најави дека извлекувањето од Блискиот Исток ќе се врши со комерцијални чартер-летови. Во текот на изминатите денови беа организирани повеќе летови од Обединетите Арапски Емирати и од други транзитни точки, а министерот Тимчо Муцунски претходно изјави дека целта е до крајот на неделата да бидат извлечени сите македонски државјани што побарале помош.
Од МНРНТ соопштија дека СОС телефонската линија и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва остануваат активни и натаму, а безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет.