Мицотакис смирува: кризата засега не го погодува грчкиот туризам

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека засега нема индикации оти актуелната состојба на Блискиот Исток влијае врз туризмот во Грција. Тој посочи дека земјата во моментов не бележи сигнали за удар врз туристичката сезона, но нагласи дека властите остануваат во состојба на готовност.

Мицотакис рече дека Грција и понатаму оди од рекорд до рекорд во туризмот и дека во изминатиот период успеала да ја продолжи сезоната и да привлече посетители и од пазари што претходно не биле толку изразени. Во истата насока, грчките туристички претставници веќе проценуваат дека досега нема директен удар врз резервациите, иако внимателно ја следат состојбата поради можни промени ако кризата се продлабочи.

Грчкиот премиер нагласи и дека Грција е безбедна земја и членка на Европската Унија, иако географски се наоѓа во поширокиот регион на Блискиот Исток. Според него, постои јасна безбедносна дистанца од зоната на конфликт во Персискиот Залив, а во наредните месеци очекува и целосна нормализација на авионскиот сообраќај.

Паралелно со туристичките пораки, Мицотакис предупреди дека последиците од кризата во Заливот веќе се чувствуваат преку растот на цените на горивата. Тој најави дека на претстојните европски разговори вниманието ќе биде насочено кон краткорочната енергетска криза, конкурентноста и потребата од заштитни механизми за да не дојде до дополнителни поскапувања за граѓаните и економијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен