Унгарската изборна кампања влезе во најмрачната зона откако објавена истрага откри дека во руски разузнавачки кругови се разгледувало сценарио за лажно инсцениран атентат врз Виктор Орбан, со цел изборната трка да се оттурне од економијата и корупцијата и да се претвори во приказна за безбедност, стабилност и национална опсада. Во документ што, според истрагата, бил добиен и автентициран од европска разузнавачка служба, планот бил именуван како „Gamechanger“, а неговата суштина била едноставна: Орбан повторно да биде претставен како незаменлив лидер во момент кога губи поддршка.
Она што ја прави оваа приказна тешка не е само самото сценарио, туку контекстот во кој се појавува. На три недели пред парламентарните избори закажани за 12 април, Орбан се соочува со најсериозниот предизвик во последните години. Последните анкети покажуваат дека Тиса на Петер Маѓар води пред Фидес, а кај определените гласачи разликата достигнува 14 процентни поени. Во ваква атмосфера, секое префрлање на кампањата од секојдневниот живот кон страв, надворешна закана и државна безбедност директно му оди во прилог на премиерот кој со години ја гради политиката токму врз тој терен.
Истрагата отвора и пошироко прашање: колку длабоко всушност навлегла Москва во унгарската политичка архитектура. Покрај наводниот план за инсцениран атентат, се опишуваат и обиди за дискредитација на опозициски кандидати, вклучително и со фабрикувани приказни и вештачки генерирани содржини. Дополнително, полскиот премиер Доналд Туск јавно изјави дека Варшава одамна се сомневала дека Будимпешта споделувала чувствителни детали од состаноци на Европскиот совет со Москва. Тоа ја оттурнува целата афера од рамката на изборен скандал и ја претвора во прашање за безбедноста на Европската Унија и НАТО.
