Моџтаба Хамнеи исчезна од јавноста, Техеран тоне во неизвесност

Иран влегува во нова зона на неизвесност откако во американски и израелски безбедносни кругови се појавија информации дека новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи е ранет, изолиран и дека не одговара на пораките што му се пренесуваат. Во атмосфера на војна, ваквата слика не отвора само прашање за неговата здравствена состојба, туку и за тоа кој навистина ги носи одлуките во Техеран во момент кога државата е под силен воен и политички притисок.

Она што дополнително ја продлабочува мистеријата е фактот што Хамнеи не е виден во јавноста од неговиот избор за врховен лидер на 8 март 2026 година. Во меѓувреме, од иранска страна имаше само пишувани пораки и формални обраќања преку државни канали, без видео и без директно појавување, што уште повеќе ги засили сомнежите дека нешто сериозно се крие зад ѕидовите на иранскиот врв.

Но приказната не е еднонасочна. Додека дел од западните и израелските извори зборуваат за лидер што е отсечен и ослабен, од Техеран претходно беше пласирана верзија дека повредите се лесни и дека тој и натаму е функционален. Слична беше и проценката од израелска страна во првите денови по неговото именување, кога се тврдеше дека е полесно ранет и дека токму тоа е причината за неговото исчезнување од јавноста. Тоа значи дека во овој момент повеќе од самиот статус на Хамнеи, зборува судирот меѓу различни разузнавачки и политички наративи околу тоа колку е стабилен иранскиот режим.

Во таков амбиент, најважното прашање повеќе не е само дали Моџтаба Хамнеи е способен да владее, туку дали корпусот на Револуционерната гарда и дел од свештеничкиот врв веќе ја презеле реалната контрола врз државата. Ако врховниот лидер навистина е изолиран и недостапен, тогаш Иран влегува во опасна фаза во која формалната власт и вистинската команда можат да станат две различни работи. А тоа, во земја што е во отворен воен судир и под закана од нови удари, е рецепт за уште подлабока нестабилност.

Зачлени се на нашиот е-билтен