Виктор Орбан денеска избра да зборува за наводно шпионирање на неговиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, но не и за најтешкото прашање што веќе два дена ја тресе унгарската политика: тврдењето дека во руски разузнавачки кругови се разгледувало сценарио за лажиран атентат врз него како предизборен „гејмчејнџер“. Наместо одговор за тоа, унгарскиот премиер нареди истрага за прислушување и случајот го претстави како „сериозен напад врз Унгарија“.
Повод за реакцијата беше нова афера откако „Вашингтон пост“ објави дека Сијарто со години наводно му пренесувал чувствителни информации на рускиот министер Сергеј Лавров за време на паузи од состаноци на Европската Унија. Орбан одговори со пренасочување на приказната: од прашањето дали Будимпешта навистина била канал кон Москва, кон прашањето кој го следел неговиот министер и како тие информации излегле во јавност. Сијарто, пак, извештајот го нарече „лажна вест“.
Но токму во тој маневар остана празнината што сега најмногу боде очи. Истата истрага на „Вашингтон пост“, повикувајќи се на европски безбедносен извор, објави дека руската надворешна разузнавачка служба разгледувала и многу подраматична опција: лажиран атентат врз Орбан, со цел изборната кампања да се оттурне од економските проблеми и падот на поддршката и да се претвори во приказна за безбедност, загрозен лидер и мобилизација на гласачите. Унгарската власт ја оттурна таа приказна како пропаганда и теорија на заговор, но Орбан денеска не понуди директен и детално аргументиран одговор за суштината на тоа тврдење.
Токму затоа неговата денешна реакција повеќе личи на политичко засолнување отколку на расчистување. Кога лидер под притисок зборува за тоа дека негов човек бил прислушуван, а молчи за наводен сценарио за режиран атентат што би му помогнал на избори, тогаш тежиштето очигледно се поместува од најопасното прашање кон попогодната тема. А тајмингот е чувствителен: Унгарија оди на парламентарни избори на 12 април, а повеќе анкети покажуваат дека Орбан и Фидес заостануваат зад опозициската Тиса на Петер Маѓар.
Затоа ова веќе не е само уште една афера во долгата серија унгарски политички судири. Станува збор за две паралелни сомневања што се слеваат во една иста слика: дали Будимпешта со години му била премногу блиска на Кремљ и дали, во момент на изборна слабост, таа врска можела да прерасне и во сценарио за драматична политичка манипулација. Орбан денеска се пожали. Но токму за најмрачниот дел од приказната, не одговори.
