Некои од министрите во владата од оваа фотографија избрана за текстот веќе не се во извршната власт, а некои други ги бројат последните денови. На нивно место во јуни ќе дојдат нови министри со „додадена вредност“, бидејќи на некои од актуелните таа вредност била потрошна.
Христијан Мицкоски најави владина реконструкција за мај и јуни 2026 година, фокусирана на ефикасноста на министрите и внатрешната консолидација на партнерите. Клучните промени ги засегаат ресорите на коалицијата ВРЕДИ, додека влезот на нови политички субјекти во парламентарното мнозинство е децидно отфрлен.
Ова е поширокиот контекст на најавената реконструкција и освежување. Иако Мицкоски ги претставува односите во владиниот состав како „исклучително коректни“, изборот на терминот „коректни“ наместо, да речеме „добри“, најавата за промени сугерира потреба од политички рестарт и евалуација на досегашниот учинок.
Процесот нема да биде само техничка ротација, туку стратешко престројување пред летниот период, со цел да се зајакне административниот капацитет на министерствата и да се одговори на внатрешните превирања кај партнерите, но и заради реформската агенда врзана за евроинтеграциите за којашто веќе се гледаат сигналите дека влегуваат во критична фаза.
Најекспонирано име во контекст на смена е министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Неговата позиција е разнишана поради неколку клучни фактори, меѓу кои се издвоија отвореното незадоволството на неговата матична партија БЕСА и лидерот Билал Касами од неговата работа во извршната власт и контроверзното присуство на ифтарска вечера во Тирана организирана од Еди Рама, каде беше фотографиран со лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети.
Иако Христијан Мицкоски претходно го бранеше Фатмир Лимани како „додадена вредност“, неговата последна изјава дека сите прашања ќе бидат „ставени на маса“ индицира дека премиерот е подготвен да го жртвува министерот за да го зачува мирот во коалицијата и да ги задоволи барањата на Билал Касами., иако во една претходна изјава беше прилично категоричен кога рече „Јас составувам влада“.
Станува јасно дека коалицијата ВРЕДИ станува „слаба алка“ во владата заради амбициите да се претопи во единствен политички субјект, односно партија, што предизвикува искричења меѓу различните крила во коалицијата.
Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој е дел од структурата на Арбен Таравари, се соочува со неизвесна иднина поради неговото залагање за концептот „Нов сојуз“ и ротирачко претседателство, што е во спротивност со плановите на Билал Касами и Изет Меџити од ВРЕДИ да направат хомогена партија.
Овие внатрешни борби за моќ директно влијаат врз стабилноста на албанскиот партнер во владата. Реконструкцијата во мај ќе послужи како механизам за филтрирање на кадрите кои не се усогласени со новата партиска хиерархија на ВРЕДИ, особено откако Изет Меџити веќе се повлече од владините функции за да ја преземе општина Чаир, а беше сосема очигледно дека тој е најсилното врзивно ткиво на таа коалиција.
Секако не треба да се пренебрегне и ЗНАМ како учесник во Владата, особено откако пратеникот на оваа партија Миле Цеков, во емисијата „360 степени“ на МРТВ, рече дека по две години како дел од владејачката коалиција, улогата на ЗНАМ како коректив на власта сè помалку се препознава.
Тоа, се разбира, нема да помине без консултации на темата „што се случува“ меѓу Мицкоски и Максим Димитриевски, кои бездруго ќе се навратат и на „однесувањето“ на министерот за правда Игор Филков и министерот за јавна администрација Горан Минчев, кои ги затегнуваа односите во коалицијата „визави“ ВРЕДИ по прашањата на употребата на албанскиот јазик и вработувањето на Албанците во државните служби.
