Иницијатива за воведување „Уставна жалба“, трет пат. Зошто само Македонија во регионот го нема инструментот уставна жалба?

жалба

Само Македонија во регионот го нема инструментот уставна жалба. Цели триесет години иницијативата за уставни измени и законодавни реформи поврзани со воведување уставна жалба, како механизам за директна заштита на основните слободи и права пред Уставниот суд никако да тргне од мртвата точка.

Денеска во организација на Делегацијата на ЕУ во земјата и на ОБСЕ, Уставниот суд е домаќин на дебатата „Воведување на уставна жалба?“ за да се подигне свеста и поттикнување суштински институционален дијалог за можните уставни измени и законодавни реформи поврзани со воведување уставна жалба, како механизам за директна заштита на основните слободи и права пред Уставниот суд.

Тркалезната маса е шанса да се обезбеди платформа на високо ниво за размена на мислења меѓу претставници на институции, експерти и други засегнати страни во правниот сектор.

На тркалезната маса се предвидени воведни излагања од претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија Дарко Костадиновски, премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Килиан Вал, 

Предвидено е да се одржи и прес-конференција на претседателите на Уставниот суд и на Владата, како и презентација на наодите од „Анализата за уставната жалба“, подготвена од експертски тим ангажиран во рамки на проектот финансиран од Европската Унија. Во таа насока ќе се обрати раководителот на тимот, Карстен Манке, заедно со правен експерт.

Што е инструментот „Уставна жалба“?

Воведување на правното средство „уставна тужба“ односно „уставна жалба“, а со јасна цел да се унапреди и зајакне уставно – судската заштита на правата и слободите на граѓаните, загарантирани со нашиот Устав.

Голем број демократски држави го имаат ова правно средство со кое граѓаните директно располагаат за заштита на нивните основни права и слободи. И Венецијанската комисија е со став кој е во насока на фаворизирање на т.н. целосна, односно сеопфатна уставна жалба. Аргументите што го поткрепуваат овој став се: прво, дека уставната жалба овозможува најсеопфатна заштита на уставните права, второ, затоа што постои елементот на супсидијарност во контекст на обезбедување на правата гарантирани со ЕСЧП.

Во таа смисла со овој аргумент се истакнува една многу значајната и прагматична цел, а тоа е растоварувањето на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од зголеменото оптоварување и задолжување на домашните институции, односно, во прв ред, домашните судови да бидат ефикасни и ефективни во работата во делот на заштитата на фундаменталните права и слободи.

Уставната тужба или уставната жалба е специфично правно средство со кое граѓаните, а во некои системи и правните лица, имаат право пред Уставниот суд да бараат заштита на основните права и слободи, гарантирани со Уставот, како највисок правен акт.

Заштитата се однесува на повреди сторени со поединечни акти на државните органи, на централно ниво, нецентралните органи на јавната власт (на локално и/или регионално ниво, зависно од системот на организација на власта), како и од правни лица со јавни овластувања.

Дополнително, во некои правни системи, освен поради повреди сторени со актите на извршната власт, заштита може да се бара и поради повреди сторени со актите на судската власт.Уставната тужба/жалба, генерално се смета за ефикасно правно средство кое ја зајакнува положбата на поединецот и заштитата на неговите уставно гарантирани права и слободи.

Уставната тужба/жалба не претставува „упад“ во редовното судство, имајќи предвид дека примарната одговорност за судската заштита на правата и слободите ја имаат редовните судови. Компаративно, таа е дополнително правно средство кое може да се користи согласно со прописите и не го трансформира Уставниот суд во „четврта судска инстанца“, определувајќи ја неговата надлежност да одлучува за повреди на слободите и правата, гарантирани со Уставот (основни слободи и права), воведувајќи критериуми за допуштеност на уставната тужба/жалба, а пред сè искористувајќи ги, односно исцрпувајќи ги сите други достапни правни лекови, освен во исклучителни случаи каде повредата може да доведе до потенцијално голема штета.

Уставната тужба/жалба како правно средство, е присутна во повеќе правни системи во Европа. Во прв ред ја има во Сојузна Република Германија, а во регионов во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово.

Само овој факт доволно зборува во прилог на воведувањето на уставната тужба/жалба во правниот систем на Република Северна Македонија. Досега иницијативи за нејзиното воведување (преку иницијативи за амандманска измена на Уставот) имало во 2005 и 2014 година, но без успех.

Зачлени се на нашиот е-билтен