Техеран го оттурка Кушнер, Венс станува прв избор за разговори

Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons
Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Техеран испраќа нов сигнал до Вашингтон: ако воопшто има нов дипломатски канал, Иран повеќе би разговарал со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс отколку со дел од останатите луѓе во тимот на Доналд Трамп. Според информациите што ги објавија американски медиуми, иранската страна неформално ставила до знаење дека нема доверба во некои од досегашните посредници и дека Венс го гледа како поприфатлив соговорник во обидите да се затвори воениот циклус.

Во позадина на оваа порака е длабоката недоверба што се наталожи по претходните контакти, кои, според истите извори, не довеле до деескалација, туку биле проследени со воени потези на САД и Израел. Токму затоа, иранските претставници наводно не сакаат повторно да влегуваат во формат во кој клучна улога би имале Стив Виткоф или Џаред Кушнер. Во Техеран проценката е дека Венс има поинаков пристап и дека е повеќе насочен кон завршување на конфликтот отколку кон отворање нови линии на притисок.

Можна средба во Исламабад и натаму се разгледува, но засега без потврда дека навистина ќе се случи. Во исто време, Доналд Трамп изјави дека САД веќе се во преговори со Иран и дека во дипломатските напори се вклучени Венс, Марко Рубио, Виткоф и Кушнер. Паралелно со тоа, преку Пакистан бил испратен и американски план од 15 точки, во кој се отвораат прашањата за иранската нуклеарна програма, балистичките ракети и безбедноста во Ормускиот Теснец.

Иранските власти, пак, тврдат дека добиваат пораки преку „пријателски земји“, но и натаму не признаваат директни разговори со Вашингтон. Тоа значи дека и покрај јавните пораки за можен дијалог, каналите и понатаму се индиректни, кревки и оптоварени со недоверба. Во таква атмосфера, изборот на соговорник станува повеќе од протоколарно прашање: тој покажува кому Техеран му верува најмалку, а кому му остава тесен простор за преговори.

Зачлени се на нашиот е-билтен