Пад на златото: ни кризата не го спаси грамот од 123 евра

Цената на златото денеска остро се спушти на светските берзи, па еден грам чисто злато се продава за 123 евра, додека една унца од 31,1 грам достигна 3.848 евра. Ваквиот пад доаѓа во време кога пазарите очекуваа благородниот метал повторно да ја преземе улогата на класично „сигурно засолниште“, но наместо нов скок, следуваше силно ладење на цената.

На прв поглед тоа изгледа нелогично, бидејќи златото обично расте кога светот влегува во воени и политички потреси. Но, актуелниот пазарен механизам оди во друга насока: растот на нафтата и стравот од нов инфлаторен бран ги намалуваат очекувањата за намалување на каматните стапки, а тоа директно удира врз златото, кое не носи принос како обврзниците или каматоносните инструменти. Дополнителен притисок прави и посилниот долар, бидејќи тогаш златото станува поскапо за купувачите надвор од доларската зона.

Пазарната логика во вакви моменти не се движи секогаш според инстинктот на малите инвеститори, туку според однесувањето на големите фондови. Кога ќе се случи силен геополитички шок, дел од нив прво продаваат за да обезбедат готовина, без многу селекција што е „сигурно“, а што не. Токму затоа златото, иако важи за заштита во криза, може краткорочно да падне ако претходно било веќе прегреана и пренатрупана инвестиција. Според анализата на Ројтерс, токму тоа се случува и сега: златото било меѓу најкупуваните средства во изминатиот период, па стана и едно од првите што се продаваат кога пазарот бара ликвидност.

Зачлени се на нашиот е-билтен