Недостигот од стабилно финансирање, слабите STEM-капацитети и ограниченото применето истражување беа меѓу главните пораки на регионалната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, што се одржува во Скопје во организација на Министерството за образование и наука, Регионалниот совет за соработка и Светската банка. На отворањето, и министерката за образование Весна Јаневска и претставничката на Светската банка, Ксијаогинг Ју, говореа за истите слабости на високото образование во регионот, но од различни агли: едната за парите, другата за капацитетите.
Јаневска рече дека интернационализацијата на високото образование останува клучен механизам за размена на знаење, технологии и партнерства, но предупреди дека универзитетите и државите имаат ограничени средства за мобилност, истражувачки проекти и инфраструктура. Според неа, токму недостигот од стабилно финансирање ја прави интернационализацијата зависна од донации, наместо од долгорочна стратегија. Таа посочи и дека државата во последната година и половина ги зголемила вложувањата во високото образование и науката и дека најавата е тие средства да продолжат да растат.
Од другата страна, Ксијаогинг Ју од Светската банка оцени дека Западен Балкан тешко може да го намали јазот во животниот стандард со ЕУ ако не вложува посериозно во човечкиот капитал и во високото образование. Таа посочи дека регионот се соочува со стареење на населението, намалување на младата популација и сериозна надворешна миграција, поради што универзитетите треба да станат поатрактивни и за студенти и за истражувачи, но и порелевантни за економијата.
Во тој контекст, Ју побара зајакнување на STEM-областите, дигиталните вештини и применетото истражување, како и посилни партнерства меѓу универзитетите и индустријата. Таа рече дека се потребни и поодржливи модели на управување и финансирање, со механизми базирани на перформанси, обезбедување квалитет и поголема транспарентност на податоците.
И Јаневска и Ју го отворија и прашањето за одливот на кадар. Министерката рече дека најголемата бариера останува стравот дека мобилноста дополнително ќе го осиромаши академскиот и научниот корпус, додека Ју порача дека миграцијата не мора да значи само одлив на мозоци, ако се создадат политики што ќе овозможат враќање и повторно вклучување на луѓето во матичните земји. На конференцијата беше најавено дека во следните два дена ќе се разговара за усогласување на универзитетите со европските стандарди, за иновации, дигитални вештини, мобилност и за начини стекнатото знаење да се враќа во регионот.