Објавен првиот трејлер за новата серија „Хари Потер“

Објавен е првиот официјален трејлер за новата телевизиска серија „Хари Потер“, со што HBO и официјално го најави почетокот на новата адаптација на книжевниот серијал. Во најавата е потврдено и дека серијата ќе почне да се прикажува за Божик 2026 година.

Според официјалните информации, првата сезона ќе го носи насловот „Harry Potter and the Philosopher’s Stone“, односно ќе ја следи приказната од првата книга. Трејлерот носи први кадри од новата верзија на Хогвортс, како и од младите ликови на Хари, Рон и Хермиона.

Во новата екипа, Доминик Меклафлин го игра Хари Потер, Арабела Стентон е во улогата на Хермиона Грејнџер, а Аластер Стоут го игра Рон Визли. Во актерската постава се и Џон Литгоу како Албус Дамблдор, Џенет Мектир како Минерва Мекгонагл, Папа Есиеду како Северус Снејп и Ник Фрост како Хагрид.

Серијата е најавена како нова, подетална телевизиска адаптација на седумте книги на Џ. К. Роулинг, при што секоја сезона треба да се фокусира на една книга. Според најавите од продукцијата, снимањето веќе е во тек, а проектот се подготвува како едно од најголемите телевизиски изданија на HBO Max во 2026 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен