Еден од клучните столбови во програмата „Твоја држава – твоја шанса“ што ја презентираше претседателот на СДСМ Венко Филипче е „Дом за сите“, кој предвидува конкретни мерки за олеснување на пристапот до домување, особено за младите.
За младите се предвидува целосно укинување данокот на промет за сите до 35 години кои го купуваат својот прв стан. Државата гарантира станбен кредит за млади до 35 години со фиксна камата од само 1% во првите 10 години.
„Твојот дом веќе не е недостижен сон, туку реална можност“, рече на презентацијата Венко Филипче.
„Македонските градови се празни, тие се без луѓе, има се повеќе станови, а се помалку домови. Просторот е за живеење, домот треба да е спокоен. Решението е во целосна промена на парадигмата, преку интеграција на станбената политика од една страна и развојната политика од друга страна. Нашите предлог чекори се прв дом без данок – целосно се укинува данокот на промет на сите до 35 години кои купуваат свој прв дом. Понатаму, кров над глава со 1%, зелени и модерни згради, итен фонд за покриви и фасади и клуч во рака за млади, како и праведни даноци“, рече Филипче.
Предлог програма на СДСМ „Твоја држава – твоја шанса“, содржи конкретни мерки и политики за сите граѓани и за напредокот на државата.
„Предлог програмата беше подготвена во минатиот период од страна на стручните комисии на партијата и е работна верзија. Оваа предлог програма ја отвораме за широка дебата, дискусија со видни експерти и стручни здруженија од различни области и целта е да тој процес да се заврши на почетокот на јуни за ова програма се усвои како официјална партиска програма во следниот период после одржувањето на Конгресот на 7 јуни“, рече Филипче.