Денеска треба да почне судскиот процес против Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана која заедно со нивната ќерка Катја на 2 март изврши самоубиство по пад од балкон од семејниот дом во Карпош.
Пред судечкиот совет ќе се појави Стојанче Јовановски, кој е обвинет за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана Јовановска, која загина со пад од зграда во скопската населба Тафталкџе заедно со нивната шестгодишна ќерка.
Обвинителството го товари Јовановски за четири кривични дела – телесна повреда, продолжено семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.
Според обвинението, на 2 март обвинетиот на повеќе локации во Скопје физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што таа во еден момент ја изгубила свеста. Подоцна, на паркинг во близина на судот, ѝ упатил и сериозни закани по нејзиниот живот и безбедност, предизвикувајќи кај неа силен страв и чувство на несигурност.
Обвинителството информираше дека прибраните докази укажуваат дека Јовановски подолг период се однесувал нечовечки кон Ивана.
Случајот со Ивана и Катја предизвика лавина реакции во јавноста и ја отвори Пандорината кутија дали институциите повторно задоцнија.