Почнува судењето за смртта на Ивана и Катја, Јовановски пред Кривичен

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почнува судскиот процес против Стојанче Јовановски, сопругот на Ивана Јовановска, која на 2 март го загуби животот по пад од шести кат заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја. Според објавените информации, тој се товари за три кривични дела, меѓу кои и наведување и помагање во самоубиство.

Обвинението, според објавените детали, го товари и за телесна повреда сторена како продолжено дело во услови на семејно насилство, како и за загрозување на сигурноста. Обвинителството тврди дека подолг период постоело физичко и психичко малтретирање, а дека на 2 март жената повторно била изложена на насилство и закани на повеќе локации во Скопје.

Во обвинителниот акт се наведува дека насилството се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година и дека оштетената била доведена во состојба на безизлезност. Дел од медиумите, повикувајќи се на обвинението, објавија дека на критичниот ден таа била удирана, навредувана и оттурната во состојба на силен страв, по што се вратила во станот со детето.

Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски. На Јовановски и натаму му е определен притвор, а денешното рочиште е прво во постапката што следува по случајот што предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за институционалната заштита во случаи на семејно насилство.

Зачлени се на нашиот е-билтен