На 31 март ширум светот се одбележува Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица – ден посветен на животите, искуствата и придонесот на транс луѓето, но и на предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат.
Во Северна Македонија, транс лицата и понатаму живеат во услови на дискриминација, насилство, институционални пречки и ограничен пристап до услуги и поддршка. Видливоста не е само прашање на препознавање, туку и на безбедност, достоинство и еднаков пристап до права.
Оваа година, наместо марш, ТрансФормА организира хуманитарен базар, со цел да се обезбедат средства за продолжување на бесплатната психолошка и правна помош и активностите за јакнење на транс заедницата.
Под мотото „Ние сме дел од ова општество“, испраќаме порака дека транс луѓето живеат, работат, создаваат и придонесуваат во оваа земја. Тие не се на маргините, туку се дел од заедницата и заслужуваат достоинство, безбедност и еднакви можности.
Во време кога дезинформациите, говорот на омраза и анти-родовите наративи сè почесто се присутни во јавниот простор, а насилството, дискриминацијата и институционалното непостапување остануваат секојдневие за многу транс лица, неопходно е јасно да се каже дека оваа состојба се одржува и поради неказнивост и недостиг на системска заштита. Дополнително, и седум години по пресудата на Европскиот суд за човекови права, Владата и институциите сè уште не обезбедуваат правна сигурност за транс лицата преку јасна и достапна постапка за правно признавање на родот.
Секое општество се мери според тоа колку ги штити и поддржува оние што се најмаргинализирани. Поддршката за транс заедницата не е прашање на идеологија, туку на човеково достоинство, еднаквост и човекови права.
По повод 31 март, апелираме до јавноста, институциите и медиумите да придонесат кон создавање средина во која транс луѓето ќе можат да живеат без страв, со правна сигурност и со чувство на припадност, затоа што транс луѓето се тука и затоа што ние сме дел од ова општество.
ТрансФормА е иницијатива предводена од транс заедницата во Северна Македонија која работи на јакнење на транс заедницата, зголемување на видливоста и унапредување на правата на трансродовите лица. Иницијативата обезбедува бесплатна психолошка поддршка и правна помош за транс лица, како и активности насочени кон информирање, зајакнување на заедницата и застапување за еднакви права и достоинствен живот.