За два-три дена во Македонија, на големо одушевување на „рајата“ почнува новата ера на владеење на правото по образец на ВМРО-ДПМНЕ, осилена по светската десничарска популистичка хистерија на уривање на столбот на правдата со силна ерозија на демократијата.
Ерол РИЗАОВ*
Премиерот Христијан Мицкоски многу му ја олесни работата на новиот јавен обвинител Ненад Савески. Јавно, како што му доликува на еден царски властодржец, му кажа што и како треба да работи. За два-три дена во Македонија, на големо одушевување на „рајата“, почнува новата ера на владеење на правото по терк на ВМРО-ДПМНЕ осилена по светската десничарска популистичка хистерија на уривање на столбот на правдата со силна ерозија на демократијата за заштита на човековите права и слободи.
Сите злодела и грабежи на претходната власт, на СДСМ и на ДУИ, во период од седум години, ќе излезат на виделина. Јавноста ќе види и слушне какви сѐ страшни работи се случувале. Страдањата на разни структури од организираниот криминал, високата корупција и безкруполозниот рекет за преземање на бизнисите на успешни компании ќе бидат на удар на правдата. Ќе се отворат сите фиоки на обвинителите на заташкани предмети. Премиерот Мицкоски имал чувство дека граѓаните ќе се охрабрат јавно да проговорат што сѐ доживеале за време на „башибозукот“ во седумте „гладни“ години на тие што се денес во опозициските партии. За сѐ има докази, вели премиерот.
Големи се изгледите Македонија да стане јавна судница по ставање на ваквиот оглав врз јавниот обвинител и целиот правосуден систем, кои по ваквата најава треба само да си ја работат работата како што им се наложува, се разбира само за периодот од седум години. Сѐ она што се случувало во државата во претходните 11 години на непрекинатото владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во ерата на „груевизмот“ оди ад акта. Тоа се застарени, заборавени, измислени, фалсификувани „сечени и лепени“ пакувања во „бомбите“ да падне чесната влада на ВМРО-ДПМНЕ и неодминливата ДУИ.
Владеење на правото без демократија не е можно
Премиерот Мицкоски како професор и д-р по егзактни науки добро знае дека научно докажаните законитости не можат да се оспоруваат со популистички и пропагандни говори. Таквото шарлатанство да се поништат научни закони би било во најмала рака смешна работа во некои не така дамнешни времиња кога се сметаше дека освоената демократија е завршена работа еднаш засекогаш. Сега сме сведоци колку тоа било лесно да се сменат работите, дури и во демократските држави, а да не зборуваме за земјите кои како Македонија никогаш не ја освоија вистинската демократија и соодветно на тоа уште помалку владеењето на правото.
Но, не сум сигурен дека Мицкоски знае дека и во општествените науки има закономерности кои ако не се почитуваат и применуваат се случуваат опасни последици по стабилноста и иднината на државите. Сеедно и да знае, авторитарното владеење и кај тие што добро знаат стана демократска придобивка која победува на изборите со популизмот, милитантниот национализам и со лажниот патриотизам.
Една од тие законитости е дека не е можно да се воведе владеење на правото без демократија. Тоа води кон присила, репресија и диктатура. Со јавените настапи на премиерот Мицкоски што и како треба да работи јавниот обвинител и целиот правосуден систем тој практично ја поништи таа научна закономерност поттикнат од уривањето на демократијата во голем број земји. Премиерот длабоко загази во присила и репересија. Останува уште еден чекор до инсталирање на целосно авторитарен режим и повторно заробување на државата.
Еве што за тоа уште пред 30 години во својот научен труд подготвен за „Националната стратегија за економскиот и општествениот развој на Македонија“ има напишано научникот и големиот правен авторитет, академик Евгени Димитров: „Владеењето на правото е суштествен сегмент на демократијата. Надвор од демократијата принципот на владеење на правото претставува гола форма и може да се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура. Основната функција на владеење на правото е ограничувањето на политичката власт и обезбедувањето на ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и права. Владеењето на правото во исто време е предуслов и рамка за изградба и функционирање на општеството втемелено врз законитостите. Најенергични мерки треба да бидат преземени против појавите и дејствата што грубо го потткопуваат владеењето на правото и го попречуваат неговото што подоследно остварување“.
По чиј грб ќе удира камшикот
Е, сега оваа научна законитост која ја учат студентите на правните факултети како прва лекција која е докажана и во практиката на сѐ помалиот број држави кои ја применуваат, но и сѐ повеќе држави кои не ја применуваат, како во нашата кутра Македонија. Зададените задачи на јавниот обвинител не се во доменот на ограничување на политичката власт, туку само ограничување на судската власт и на сите институции на системот. Дали очекувањата на премиерот Мицкоски што треба да сработи јавниот обвинител Савески и неговото лично чувтво на охрабрување на граѓаните не е акт на закана и присила која води кон репресија која владеењето на правото го претвара во гола форма. Не е тешко да се одговори на ова прашање на кои одговори премиерот Мицкоски за да не се мачиме напразно со размислување за последиците.
Сведоци сме на класичен случај на диктат на власта врз првосудниот систем, ако воопшто може да се нарече систем. Тоа се виде уште во првите чекори на промените што уследија со инсталирање на партиски проверени кадри во сите инстанци на судството кои трба да бидат носители на владеење на правото.
Зборот демократија им ја крева косата на главата на челниците на ВМРО-ДПМНЕ. Тие под демократија подразбираат поделба на патриоти и предавници. Само тие ги препознаваат националните и државните интереси. Сѐ друго е предавство. Примамливоста на цврстата рака се дочекува со одобрување и широка поддршка поради голема заблуда дека камшикот ќе удира само по туѓиот грб. Кога ќе удри, а ќе удри најсилно, и по грбот на заблудените и невините ќе биде доцна.
Првите чекори на новиот јавен обвинител
Веќе ги видовме првите чекори на новиот јавен обвинител Савески. Што се вели уште не седнат на жешкото столче, за кое еден поранешен јавен обвинител рече „јас сум последната будала што прифатил да биде државен јавен обвинител“, алудирајќи на силните политички притисоци. Е, па искуствата со јавните обвинители по неговата оставка јасно покажа дека не бил „последната будала“. Многу веројатно истото чувство помалку, или повеќе го имале повеќето јавни обвинители од диктатот на политиката и центрите на моќ. Како поинаку да се протолкува едногласната одлука на Советот на јавни обвинители да ја отфрли претставката на обвинителката Ленче Ристоска, во која тврдеше дека е изложена на политички притисок и надворешни влијанија поврзани со нејзината работа и судски предмети. Во Советот на јавни обвинители не виделе доказ дека премиерот вршел притисок врз Ристоска. Не го виделе тоа што сите го видовме и го слушнавме повеќе пати, дури и тоа дека премиерот ја нарече „медиокритет со политичка матрица“.
Во тие јавни жигосувања и навреди Советот на јавни обвинители не видел никаков проблем или некаква повреда. За жив срам од недостиг на храброст да се донесе одлука за тоа што јавноста одамна го знае и добро ги знае причините за нападите врз поранешната обвинителка на Специјалното јавно обвинителство. Ристоска пред судот уште ги застапува обвиненијата за „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзиното незаконско финасирање, за што се бара конфискација на белата палата среде Скопје на најбогатата партија на најсиромашниот народ во Европа. Погодете од три пати како ќе завршат овие предмети. Мислам дека и новиот јавен обвинител тоа го знае, како што го знае и премиерот Мицкоски.
Советот на јавни обвинители не ѝ го продолжи мандатот на обвинителката од организиран криминал и корупција, Ивана Алексова-Трајчева која покрена постапки против полицијаци и началници на МВР кои ги смета за одговорни за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Иако Трајчева е најдобро упатена со случајот и со истрагата обвинителството тврди дека оваа промена воопшто нема да се одрази во натамошната постапка. Новиот обвинител ќе продожи понатаму каде што се застанало. Да веруваме во тоа, ама предизвикува сомнеж што обвинителството побара медиумите да бидат внимателни и да не се шпекулира со оваа промена.
Еве, највнимателно ќе прашам, исто како што очекува премиерот Мицкоски како и што да работи државниот јавниот обвинител, дали може и јавноста да очекува дека ќе има одговор на едно суштинско прашање: можеше ли, поточно, мораше ли таа вечер да се спречи трагедијата ако присутните полицајци интервенираа да се испразни салата по сознанието дека во дискотеката има многу повеќе лица отколку што е дозволено и дека има малолетници по полноќ. Исто како што тоа се направи на концертот на Аца Лукас, чинам во Кавадарци. Или пак не смееле тоа да го направат. Зошто!? Не биле надлежни. Или, пак, има ли тоа некаква врска со началниците и нивните шефови.
Мицкоски прашај го Орбан
П.С. Додека го завршувам текстот слушнав дека премиерот Мицкоски заминал за Будимпешта да се види со премиерот Виктор Орбан. Убаво. Имам една молба до премиерот да го праша својот пријател што тој мисли за неговата храбра изјава ако треба ќе чекаме со децении за влез во ЕУ ако не ги прифатат нашите услови. Зошто толку брзаа Унгарците да влезат во ЕУ и што сѐ ветуваа дека ќе направат само да бидат членка на европското семејство и на НАТО. И, се разбира, која е разликата кога си во чекалната на ЕУ и кога седите на иста маса. Во политиката нема вечни решенија. Премиерот Орбан има големо искуство од коленичење пред тоа и до ставање вета по тоа.
Колумната на Ерол Ризаов е преземена од Независен.мк