Младинскиот културен центар од денес е збогатен со уште еден уметнички експонат. Делото „Океан од тишина“ е поставено во холот на институцијата и е подарок од ликовниот уметник Перо Кованцалиев. Станува збор за релјеф составен од акумулација на ушни школки, изработен од полиестер, со димензии 2 × 1 метар.
Со ова дело, авторот ја мапира акустичната пасивност и колективната инертност во контекст на современиот корпоративен милитаризам. Ушната школка овде повеќе не функционира како сетилен приемник на вистината, туку како статичен модул во структурата на општествената апатија. Подлогата, дефинирана преку вискозноста на полиестерот, асоцира на нафтен супстрат, при што оваа „битуменска“ површина симболизира енергетски поредок што наметнува тешка, леплива тишина врз граѓанскиот субјект.
Делото нуди визија на семиотички молк: ушните школки се фосилизирани во нафтени и воени детерминанти, каде што информацијата за глобалното превооружување се прима како статички шум, без капацитет за социјална артикулација. Истовремено, делото нè соочува со прашањето: каква иднина гради светот кој толку интензивно се вооружува?
Перо Кованцалиев е уметник чие творештво произлегува од стремежот за подобрување на културолошката, општествената и социјалната средина преку ликовни интервенции и дела што инспирираат и поттикнуваат промени кон одржлив развој. Неговите дела промовираат пацифичен начин на комуникација и овозможуваат видливост на маргинализирани теми, потиснати од агресивните маркетинг-индустрии. Тој тематизира различни форми на насилна експлоатација, како и неодржливи традиционални практики.
Работи во медиумите на експерименталниот цртеж, сликарството, фотографијата, видеото, ликовната инсталација, скулптурата и кинетиката.
Досега, Кованцалиев има реализирано повеќе самостојни и групни проекти во земјата и во странство. На 14 мај годинава, во Македонскиот културен центар во Софија, Бугарија, ќе се претстави со изложбата „Дамки“, која претставува континуитет на неговите претходни проекти „Капиталистичка авантура“ и „Политичка лиричност“.