Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во гостување во утринската емисија „Македонија наутро“ на МРТВ вели дека не ги прифаќа нападите дека Законот за високо образование има престроги критериуми, а притоа како што рече нема ниту еден универзитет во државата кој што е во првите 2500 најдобри на Шангајската листа.
„Сакам да верувам дека образованието создава таков кадар. Но не можам а да не споменам, еве да речеме нешто кое што се случуваше на вашиот медиум, имаше една дебата помеѓу двајца мои колеги од Универзитет, момче и една дама. И го слушав момчето кој што го напаѓаше законот за високо образование. И искрен да бидам се разочарав, да не речам се шокирав. Во еден момент замислете тезата која е премногу се строги критериумите за новиот закон за високо образование за избор во звање. Зошто биле строги? Затоа што законот предвидува моите колеги да пишуваат научни трудови во списанија кои што се реномирани списанија дел од Web of Science (Thomson Reuters) базата и тоа замислете за да бидете избран за редовен професор 4 такви во рок од 5 години и притоа тоа вас државата да ви го надомести. И тоа било висок критериум“, рече Мицкоски и додаде: „Што е сега резултатот на моменталната состојба? Од Универзитетот Кирил и Методиј кој што е најреномиран од сите универзитети во Македонија, на Шангајската листа, а и не мора да е Шангајската листа, било кое друго мерење земете го, некогаш сме биле рамо до рамо, сега не сме ниту помеѓу 2500 и тоа е резултатот од сегашната состојба. И порано можев да се согласам, да речам добро не се мотивирани, демотивирани се, ниски се примањата, од прилика 55.000 денари, но денеска редовните професори се 110.000 или 120.000 денари плата. Значи некои 2000 евра и најчесто просекот на часови кој го држат е помеѓу 4 и 8 часа неделно, а останатите денови се оставени за консултации со студентите. Мене не би ме држело место, да седам, да ги набљудувам состојбите, да гледам како тонам, а да не барам чаре од сето тоа. И сега тоа ви е вели погрешно. Па може да погреши тој што работи, тој што ништо не работи, што си седи и што само тоне. Да можам да погрешам, но ајде да слушнам легитимен аргумент, немој само да ми кажеш дека критериумите се високи, зошто тоа е како да кажете водата е мокра, или во август месец најверојатно ќе биде топло. Од прилика таква е тезата. Но, тоа не е теза и се додека ние не поработиме со ваков тип на профил на луѓе, се плашам дека ние како образование нема да генерираме доволно квалитетен кадар, кој што веднаш ќе може да се соочи со предизвиците и притисоците, туку ќе мора да се доквалификува, преквалификува итн“.