Судска хроника за трагедијата во Карпош: Сведоштва за страв, закани и повици за помош во случајот Јовановски

Јовановски
Фото Слободен печат – Методи Здравев

Судењето против Стојанче Јовановски во Основниот кривичен суд во Скопје, обвинет за семејно насилство и наведување на самоубиство во случајот со трагичната смрт на неговата сопруга Ивана и шестгодишната ќерка Катја, продолжи со нови сведоштва што дополнително ја вознемирија јавноста.

На денешното рочиште, сведочеа член на семејството и соседка, чијшто искази исцртаа слика на долготрајно семејно насилство, страв и тортура во домот на Прашка улица.

Братот на починатата Ивана изјави дека таа живеела под постојан притисок, закани и уцени од обвинетиот, посочувајќи дека во еден момент тој побарал 30.000 евра за да се повлече од станот, заканувајќи се дека ќе ѝ го одземе домот.

Според неговото сведочење, Ивана се обидувала да најде излез од ситуацијата и барала помош од семејството, но истовремено била во страв и недоверба. Тој додаде дека со текот на времето таа станувала сè поизолирана, а постоеле и сомнежи дека документи поврзани со имотот биле фалсификувани и префрлани без нејзина согласност. Семејството, како што рече, било дополнително вознемирено поради тоа што обвинетиот поседувал оружје, како и поради сомнежи дека во одредени периоди некој друг комуницирал во нејзино име.

Соседката Тања Спировска, пак, сведочеше за чести вознемирувачки сцени од станот на семејството, опишувајќи викање, тропање и удирање во периодот пред трагедијата. Таа раскажа дека една ноќ околу 2 часот по полноќ слушнала детски крик и зборови „Тато, ќе ја убиеш мама“, по што, заедно со други соседи, излегла во ходникот, но не забележала ништо сомнително надвор од станот.

Според нејзиниот исказ, двапати повикала полиција од полициската станица Карпош. Таа наведе дека првиот полицаец кој дошол бил коректен, додека вториот реагирал нервозно и се заканил дека Спировска може да добие пријава за лажна

„Една ноќ околу 2 часот наутро, слушнавме ‘Тато, ќе ја убиеш мама’. Малата Катја врескаше, можеше да се чуе. Излегов надвор, но не слушнав ништо во ходникот. Мислам дека и некои други соседи излегоа тогаш во ходникот. Јас лично двапати ја повикав полицијата од полициската станица Карпош“, рече соседката.

Денешните сведоштва повторно ја отворија темата за препознавањето и институционалниот одговор на семејното насилство, особено во случаи кога постојат предупредувачки сигнали од околината. Судењето продолжува со изведување на нови докази и сведоци во наредниот период.

Зачлени се на нашиот е-билтен