Битолчанец вработен во образовна установа под истрага за детска порнографија

Основното јавно обвинителство Битола отвори истражна постапка против 31-годишен битолчанец, осомничен за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија. Според обвинителството, осомничениот бил вработен во образовна установа.

Во соопштението на Обвинителството се наведува дека во периодот од април 2024 година до 1 април 2026 година, осомничениот на компјутерски уреди и опрема што ги користел дома набавувал и поседувал материјали со детска порнографија. За него до Основниот суд во Битола е доставен и предлог за определување мерка притвор.

Постапката, според официјалните информации, почнала по известување од Австралиската федерална полиција. Тамошните служби претходно спровеле акција за откривање веб-страници преку кои се дистрибуирале фотографии и видеа со материјали од злоупотреба на деца, а при проверките биле идентификувани и корисници со електронски и ИП-адреси од Северна Македонија.

Обвинителството наведува дека предметот е резултат на предистражни дејствија спроведени во координација со СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во Скопје. Во истото соопштение се додава дека проверки се преземаат и во Скопје и во други градови, со цел да се проверат сите добиени сознанија.

Паралелно со овој предмет, Телма објави дека полицијата на 2 април спроведувала координирана акција на седум локации во Битола, Струга и Струмица во рамки на меѓународна операција за сузбивање на овој вид криминал, при што биле обезбедувани докази за истото кривично дело.

Зачлени се на нашиот е-билтен