По објавената реакција на министерот Зоран Љутков и тенденциозните обвинувања насочени кон раководството на Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ) , кои имаат единствена цел – дискредитација и елиминација на ова раководство, со цел да се овозможи продолжување на политиките што ги спроведува, а кои значат кршење на работничките права преку непочитување и евентуално укинување на Колективните договори – раководството на СКРМ овојпат ќе одговори со факти, наместо со празни флоскули.
Ова се вели во реакцијата на културните работници и се наведуваат фактите:
Тврдењата дека раководството на СКРМ пласира неточни информации и врши манипулација со јавноста се неосновани. Сите наши реакции се темелат на конкретни постапки, одлуки и последици кои директно ги засегаат културните работници.
Укажувањето на прекршувања на работничките права не е политизација, туку основна синдикална обврска.
Во интерес на јавноста посочуваме:
Зоран Љутков е првиот министер за култура кој директно ги оштети културните работници со намалување на платите: минатата година за 3%, а оваа година за околу 6%.
Зоран Љутков е првиот министер за култура кој за најголемиот празник Велигден ги остави вработените без плата, далеку по законскиот рок за исплата на плати.
Обвинувањата дека раководството на СКРМ врши притисок врз судството се сериозни и неосновани. Јавното информирање за судски постапки е право и обврска во интерес на транспарентноста, особено кога станува збор за заштита на работнички права. За разлика од тоа, доставувањето анализи од страна на извршната власт со цел оспорување на Колективниот договор отвора сериозни прашања за институционално влијание.
Министерот говори за „демократски процес“, но истовремено ја игнорира суштината – дека правата на работниците не смеат да зависат од интерпретации, туку од законска обврска. Колективниот договор не е политички документ, туку правен акт кој мора да се почитува.
Во однос на Колективниот договор, обидот вината за состојбата да се префрли врз СКРМ е неточен. Раководството на Синдикатот во континуитет бара негово почитување и унапредување, додека од страна на Министерството сведочиме на постапки кои одат во спротивна насока – непочитување, еднострани упатства и иницијативи за негово оспорување.
Министерот тврди дека се залага за дијалог, но фактите говорат поинаку. Ниту една суштинска иницијатива за решавање на отворените прашања не е покрената од негова страна. Тој е првиот министер кој никогаш, по сопствена иницијатива, не побарал средба со раководството на СКРМ. Сите досегашни средби се реализирани исклучиво на иницијатива на СКРМ. Доколку постојат докази за спротивното, го повикуваме јавно да ги објави.
Потенцираме дека станува збор за директни средби со министерот, а не за формални состаноци на работни групи за нов Колективен договор, на кои СКРМ бил повикуван, но на кои министерот лично не присуствувал.
Единствената директна средба на негова иницијатива беше заедно со раководствата на СКРМ и СОНК, одржана во март минатата година. Таа средба заврши без никаков заеднички договор. Напротив, министерот ги игнорираше аргументите на синдикатите и постапи еднострано, како што и самиот изјави – врз основа на консултации со негови експерти.
Обидите СКРМ да се претстави како фактор на блокади се дел од наратив кој има за цел да го одвлече вниманието од реалниот проблем – влошената положба на културните работници.
Зоран Љутков е првиот министер во чие време се поднесени над 800 тужби од страна на вработените во институциите од културата, поради непочитување на Колективните договори.
И за крај, непобитен факт е дека Зоран Љутков на седница на Влада на Република Северна Македонија ДОСТАВИЛ ОБЕМНА АНАЛИЗА СО ОБРАЗЛОЖЕНИЈА ЗОШТО КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ЗА КУЛТУРА ТРЕБА ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НЕЗАКОНСКИ И НЕУСТАВЕН СО ЗАКЛУЧОК НА КРАЈОТ ДЕКА, КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ЗА КУЛТУРА НЕ Е ДОНЕСЕН СОГЛАСНО ЗАКОН И СОГЛАСНО УСТАВ, СО ШТО ИНДИРЕКТНО СЕ СТАВА НАД УСТАВНИОТ СУД И ВРШИ ЕДЕН ВИД НА ПРИТИСОК, иако такво мислење од Владата не било побарано.
Колку и да не му се допаѓа на министерот, раководството на СКРМ постапува согласно одлуките на Советот.
За да нема повеќе вакви состојби, недоразбирања и неосновани напади, го повикуваме министерот Зоран Љутков на јавна дебата – нека одбере време и место, за конечно фактите да се соочат јавно. Во спротивно нека престане да го напаѓа и обвинува Синдикатот за сопствените погрешни чекори.
Претседателство на СКРМ