Владата тврди дека до крајот на април сме безбедни

кризна

Владата на вонредна седница донесе мерки со кои акцизата за дизелот се намалува за 4 денари по литар, а за бензините за 2 денара, во обид да го спречи новиот ценовен удар врз горивата по растот на нафтата на светските берзи. Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека мерките се активираат за да се амортизира притисокот врз стандардот и да се спречи нов раст на малопродажните цени.

Покрај намалената акциза, Владата ја продолжува и повластената стапка на ДДВ за горивата од 10 проценти, наместо редовните 18, а паралелно е постигнат и договор со ОКТА, односно со „Хеленик Петролеум“, попустот за горивата да продолжи до крајот на април. Во владината најава токму овој пакет мерки е претставен како брана што треба да го одржи сегашното ниво на цените во текот на месецот.

Најавата доаѓа неколку дена по последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, со која од 31 март максималната цена на Еуросупер БС-95 беше утврдена на 84 денари за литар, а на Еуродизел БС на 95,5 денари. Во истото соопштение РКЕ наведе дека причината за корекциите се актуелните движења на светските берзи и потребата да се заштитат потрошувачите и домашниот пазар.

Зачлени се на нашиот е-билтен