Неверојатни измами од 522 илјади евра со картички во Македонија

Повеќе од половина милион евра, односно 522,1 илјада евра, изнесувала вкупната штета од измамнички трансакции со платежни картички во 2025 година, покажуваат податоци што ги анализираше порталот Пари врз основа на статистика од Народната банка.

Бројот на случаи лани достигнал 11.279, што е раст од 11,6 проценти во однос на 2024 година, иако вкупната вредност на штетата е пониска од претходната година.

Најголемиот дел од измамите и натаму се врзани за е-трговијата. Според анализата, во онлајн плаќањата биле регистрирани 10.018 измамнички трансакции, а штетата достигнала 487,3 илјади евра. Тоа значи дека дури 88 проценти од сите измами со картички се случуваат токму на интернет, додека граѓаните се најчестата мета.

За разлика од интернет-плаќањата, банкоматите речиси и да не се појавуваат како ризична точка. Во текот на 2025 година била регистрирана само една измамничка трансакција на банкомат, во вредност од 41 евро.

Истовремено, измамите преку ПОС-терминали растат, но и натаму остануваат далеку зад онлајн каналите, што покажува дека дигиталниот простор и натаму е најранливата зона за злоупотреби.

Овие бројки доаѓаат во време кога дигиталните плаќања во земјава продолжуваат да растат. Народната банка соопшти дека бројот на уредите за прифаќање плаќања со картички на физичките продажни места во 2025 година се зголемил за 3,5 проценти и достигнал 36.010, додека плаќањата со картички во трговијата и во третиот квартал од 2025 бележеле раст од 9,9 проценти по број и 12 проценти по вредност.

Од 1 март 2026 веќе се применува и засилена автентикација за електронски плаќања, како дополнителна заштита од злоупотреби.

Зачлени се на нашиот е-билтен